• вторник, 24 декември 2024

ИОК: Нема да има Руси и Белоруси на отворањето на Игрите во Париз

ИОК: Нема да има Руси и Белоруси на отворањето на Игрите во Париз

 

Лозана, 19 март 2024 (МИА) – Русите и Белорусите нема да учествуваат во церемонијата на свеченото отворање на Олимписките игри ова лето во Париз, соопшти денеска Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

Спортистите од овие две земји кои ќе се квалификуваат за Игрите ќе се натпреваруваат како независни спортисти без националните знамиња и химни, поради санкциите воведени по руската инвазија врз Украина која почна во февруари во 2022 година.

Руските и белоруските олимпијци ќе учествуваат „индивидуално“ како независни спортисти (АИН) и нема да се приклучат на парадата на националните тимови, но, сепак, „ќе имаат можност да го почувствуваат настанот“, рече шефот на Олимписка солидарност во рамки на ИОК, Џејмс Меклеод, без да наведе дополнителни детали.

ИОК на тој начин се приклучува на одлуката донесена на почетокот на март од Меѓународниот параолимписки комитет за свеченото отворање на Параолимписките игри во Париз на 28 август.

Извршниот комитет на телото денеска усвои неутрално знаме посветено на Русите и Белорусите, со буквите „АИН“ на зелена позадина, како и кратка химна без зборови, што треба да се интонира доколку спортистите од овие две земји освојат златен олимписки медал.

Експертите на олимпиското тело предвидуваат „според најверојатното сценарио“ дека на Игрите ќе настапат вкупно 36 Руси и 22 Белоруси, а најмногу 55 од Русија и 28 од Белорусија. ег ФОТО: Икс

Остани поврзан