• четврток, 26 декември 2024

Ин Мемориум: Ѓорѓи Наумов, прв министер за правда во независна Македонија

Ин Мемориум: Ѓорѓи Наумов, прв министер за правда во независна Македонија
Штип, 7 ноември 2020 (МИА) -  На 90 годишна возраст денеска почина Ѓорѓи Наумов, првиот министер за правда во независна Македонија, кој на оваа функција беше од 20 март 1991 до 4 септември 1992. Тој беше еден од активните политички чинители во 90-те години на минатиот век и министер за правда во првата Влада на Република Македонија избрана по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година. На нејзино чело беше избран Никола Кљусев, а по својот карактер беше експертска, техничка Влада. Во деведестите години Наумов беше дел од познатата штипска политичка четворка, Киро Глигоров, Никола Кљусев и Јордан Мијалков кои ги удрија темелите на независна Македонија. Наумов е роден штипјанец, кој основното образование го завршил во родниот град, а Правен факултет во Скопје. Магистрирал на правни науки на Универзитетот во Загреб. Професионално кариерата ја почнува во Јавното обвинтелство, а извесен период бил и заменик Републички обвинител. Заедно со Никола Кљусев е дел од првата македонска Влада, каде од 20 март 1991 до 4 септември 1992 година бил министер за правда на Република Македонија, како прв на таа функција. Во 1998-та година повторно е дел од Владата како министер без ресор. Последна активност му е на чело на Комисијата за односи меѓу верските заедници. Како член на ВМРО ДПМНЕ бил активен и во партиските тела. Автор е на книгата „Мојот од во плурализмот“ во која  пишува за  своите лични искуства во периодот од 1990 до 2003-та година. Семејството на Наумов соопшти дека погребот ќе се изврши на 9 ноември 2020 година на Градските гробишта во Штип. Посмртните останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во Градската капела, а опелото ќе биде извршено во црквата „Света Тројца“ во Штип.вдј/лв/

Остани поврзан