• недела, 24 ноември 2024

Инцко: БиХ е земја на добрина, во неа има место за сите

Инцко: БиХ е земја на добрина, во неа има место за сите
Сараево, 30 јули 2021 (МИА) - Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, кој денеска заминува од функцијата, се збогува со граѓаните на БиХ со емотивна порака, велејќи дека БиХ е едно од најубавите места во светот и земја со многу повеќе добрина отколку зло и омраза. Инцко стана висок претставник задолжен за надзор над спроведувањето на цивилниот дел од Дејтонскиот договор уште во март 2009 година, а од 1 август ќе го наследи германскиот политичар Кристијан Шмит. Во својата проштална порака, Инцко цитира една поговорка според која „не се родил оној што ги задоволил сите“, па накратко го опиша своето искуство по 12 години поминати во БиХ. Тој, сепак, додаде дека „во куќата не е тесно кога семејството не е бесно“ и ја опиша БиХ како таква куќа, додавајќи дека има простор за сите во таа земја, но со потребните здрави основи и потпирање на солидарноста и добрососедство. - Таа куќа мора да биде изградена врз вистината, вистината ќе не ослободи и тоа е основа за правда, наведе австрискиот дипломат. Тој објасни дека најважните работи за него да ја разбере ситуацијата во земјата се средбите со обичните луѓе, а меѓу нив пронашол најголем број од оние кои не дозволиле високата политика да ги отруе, а тие биле најголемите жртви на омразата и војната. - БиХ има исклучителен потенцијал за добрина, рече Инцко, додавајќи дека е вистина оти има луѓе во земјата подготвени да бидат злобни, како најтемните ликови во литературата на големите писатели како што се Иво Андриќ и Меша Селимовиќ, но тие се малцинство во споредба со бројни добри луѓе со широка душа. - Заминувам не целосно среќен, свесен за моите недостатоци и свесен за моите ограничувања и ограничувањата на институциите, но навистина благодарен на луѓето во БиХ кои го сочуваа човештвото и денес сведочат дека оваа земја не е само математичка сума на големини, народи , култури и религии и јазици туку многу повеќе од тоа. Човештвото е присутно овде, универзално братств, нагласи Инцко. Тој додаде дека му е жал што нема да остави уште посилен белег на миротворецот и им се заблагодари на сите оние што топло го прифатија и се обидоа да го разберат и да му помогнат да биде што е можно поморален и поконзистентен. - Многу нешта ќе поминат, но БиХ ќе преживее. БиХ е нешто посебно, има се но не е свесна за тоа, порача Инцко, најавувајќи дека често ќе се враќа во оваа земја. гт/

Остани поврзан