• петок, 27 декември 2024

Инфо ден и промоција на бесплатна правна помош за граѓаните на Велес

Инфо ден и промоција на бесплатна правна помош за граѓаните на Велес

Велес, 31 октомври 2023 (МИА) - Пред граѓаните на Велес денеска беше промовиран проектот на Европската унија и Совет на Европа за бесплатна правна помош, кој се реализира во соработка со Министерството за правда и овластените здруженија и правни клиники.

-Ова е дел од проектот „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија” од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022“, заеднички проект на Европоската унија и Советот на Европа кој го спроведува, информира Ирена Цуцулоска Јакимовска виша раководителка во Програмската канцеларија во Советот на Европа во Скопје.

Организаторите на Инфо ден на граѓаните им делеа флаери за што се можат да добијат бесплатна правна помош и дискутираа со нив за начинот на кој можат да ја остварат.

Воедно ги информираа граѓаните дека правна помош може да добијат и во Подрачното одделение на Министерството за правда, кое локациски е сместено во просториите на Општина Велес.

Цуцулоска Јакимовска појасни дека целта на настанот е да се зајакне свеста кај граѓаните за постоење на бесплатната правна помош.

-Велес е 23 град во земјава каде имаме промоција, а целта е да го зголемиме бројот на граѓани коишто знаат за овој инструмент и да се осигураме дека истиот во иднина повеќе ќе биде искористен, појасни Цуцулоска Јакимовска.

Таа информира дека граѓаните најчесто бараат бесплатна правна помош за имотно правните прашања односно проблеми, за правата од социјална заштита, здравствена заштита, бракоразводни постапки, за заштита на децата и друго.

Бесплатната правна помош, како што посочи Цуцулоска Јакимовска, опфаќа правна помош финансирана од страна на државата, како и ослободување од плаќање на трошоци за водење на одредени постапки.

Бесплатната правна помош се остварува како примарна и секундарна правна помош.

Примарната правна помош вклучува правно информирање, советување, упатување, како и помош при пополнување на одредени формулари и претставки.

Секундарната правна помош опфаќа правна помош од адвокат, ослободување од судски такси и трошоци поврзани со постапката пред суд, ослободување на трошоци од вештачење и ослободување од административни такси.

По Велес, Инфо ден за бесплатната правна помош ќесе одржи во други градови во земјава. ад/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан