• четврток, 26 декември 2024

Инфо-час во Битола за светската организација ЦИОФФ со претседателот Филип Бусон

Инфо-час во Битола за светската организација ЦИОФФ со претседателот Филип Бусон

Битола, 27 јули 2021 (МИА) - Претседателот на светската организација на фолклорни фестивали (ЦИОФФ), Филип Бусон во Битола одржа инфо-час за работата и поставеноста на ЦИОФФ, во која членува и Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Првиот човек на ЦИОФФ, Филип Бусон истакна дека ЦИОФФ фестивалите се исполнети со презентација на националните фолклорни богатства, а често придружени со различни манифестации, изложби, обуки и работилници на кои се учи за традиционалните вредности како што тоа деновиве се прави и во Битола.

Тој посочи дека на меѓународните фестивали учествуваат фолкорни групи со висок квалитет и тие најуспешно го пренесуваат националното културно богатство низ светот.

-Фестивалите им овозможуваат на илјадници луѓе да се запознаат со културното богатство од други краишта на светот, од други континенти. Така е и со фестивалот „Илинденски денови“ во Битола кој е со богата традиција, и кој бил и е домаќин на фолклорни групи од сите страни на светот кои на сцената автентично го презентираат националното културно богатство. Фестивалот постои повеќе од 50 години, идентично колку и нашиот ЦИОФФ и затоа со задоволство и заеднички ги славиме јубилеите. Само на фестивали од ваков тип има можности младите меѓусебе да се запознаваат и да дознаат за различните култури што само по себе е дополнителна вредност. На фестивалот „Илинденски денови“ во Битола ги славиме пријателството, младоста и мирот, нагласи Бусон.

На инфо-часот за ЦИОФФ, етнологот од Битола м-р Валентин Соклевски презентираше авторско истражување поддржано од Министерството за култура на тема „Состојбите, проблемите и перспективите на фолклорната дејност во услови на пандемија“.

Според истражувањето на Соклевски, светската пандемија негативно влијаела врз работата на македонските културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли.

-Најголем дел од ансамблите мируваат, а некои ова лето почнале со работа. Ансамблите немаат приходи, а зголемени расходи и тоа ги доведува до колапс. Генерации играорци ја губат врската со ансамблите и нивните репертоари, а просториите на групите се празни. Фолклорната дејност е многу загрозена и потребни се ургентини мерки на краток и долг рок, презентира Соклевски.

Како што потврди претседателот на ЦИОФФ, Филип Бусон, трудот на тема „Состојбите, проблемите и перспективите на фолклорната дејност во услови на пандемија“ од м-р Валентин Соклевски ќе биде презентиран и пред бордот на ЦИОФФ во Париз.мт/бт/  

Остани поврзан