• сабота, 21 декември 2024

Интернационални студентски средби „Скомрахи“ од 1 до 5 ноември

Интернационални студентски средби „Скомрахи“ од 1 до 5 ноември
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Од 1 до 5 ноември ќе се одржи 30. јубилејно издание на интернационалните студентски средби „Скомрахи“ 2022. Во рамки на годинешната програма освен театарски претстави, предвидено е да се одржат и по две работилници секој ден, две изложби, промоција на драми од професорката Маја Стевановиќ и една научна конференцијаПромена на перспективите, театарско и филмско образование во време на пандемија“. „Скомрахи“ се одржува во организација на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а покровител е претседателот Стево Пендаровски. Свечено отворање ќе се одржи утре во Драмскиот театар во Скопје.

Според деканката на ФДУ, Мими Таневска Србиновска, „Скомрахи“ со текот на годините од далечната 1988 година до сега прерасна во своевидно движење особено за малата публика, а влезот секогаш е слободен.

-Претходните години имавме ковид пандемија, но сепак и покрај тоа, се обидовме во 2021 година да направиме едно издание на „Скомрахи“ кое беше во хибридна форма. Меѓутоа, сфативме дека тоа го нема оној сјај како кога се одржуваше во живо, односно ги немаше оние дружења меѓу студентите, немаше размени на искуства. Затоа оваа година со голема радост сите сме  среќни, радосни затоа што „Скомрахи“ се враќа на старата традиција, го добива стариот сјај, рече Таневска Србиновска на денешната прес-конференција.

Како што информираше, за време на отворањето и затворањето на фестивалот односно на 1-ви и 5-ти ноември ќе бидат прикажани претстави од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) со нивните студенти, а за на 2-ри, 3-ти и 4-ти предвидена е богата програма.

За студентите, како што рече Таневска Србиновска, ќе има и по две работилници секој ден. Ќе има и две изложби, едната од Факултетот за ликовна уметност,  а останатите од ФДУ со плакати од нивната архива на „Скомрахи“ до сега.

Ќе има една промоција на драми на професорката Маја Стевановиќ и една научна конференција насловена Промена на перспективите, театарско и филмско образование во време на пандемија“ за која ќе се испечатат и книга со апстракти.

Четвртиот ден е предвиден за филмски маратон и офф програма, при што ќе има многу свирки, музика, бендови.

-Среќна сум што и покрај лимитираниот буџет што го имавме оваа година, сепак успеавме да обезбедиме сите учесници што учествуваат на овие „Скомрахи“ да бидат цело време тука, да се дружат, да ги гледаат претставите, да ја следат богата програма што исто така ја обезбедивме, додаде Таневска Србиновска.

Директорот на фестивалот, Илија Циривири на денешната прес-конференција информираше дека на годинешното издание ќе се прикажуваат две претстави секој ден.

 -Во рамки на филмскиот маратон ќе се прикажуваат филмови изработени од студентите на Драмскиот факултет, меѓутоа и од студенти кои се од останатите академии кои учествуваат како гости на „Скомрахи“ - од Србија, Турција. Она што е особено важно за „Скомрахи“ е офф програмата, креирана од студентите и особено сум горд и среќен што оваа година студентите лично, активно и ревносно работеа околу ова, додаде директорот.

Годинешното издание на „Скомрахи“ се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и на УКИМ.бт/дма/

  

Остани поврзан