• петок, 27 декември 2024

Марковски за МИА: Скриени тајни во конструкциите на градбите се разоткриваат при потреси како во Турција и Сирија

Марковски за МИА: Скриени тајни во конструкциите на градбите се разоткриваат при потреси како во Турција и Сирија

Скопје, 20 февруари 2023 (МИА) – Земјотресите не можеме да ги предвидиме, но можеме да ги направиме помалку смртоносни. Покрај ресурсите како што се квалитетна опрема и човечки капацитет, исто така, потребни се и цврсти градби. МИА разговараше со професорот д-р Горан Марковски, член на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции, кој посочува дека употребата на квалитетни материјали е еден од предусловите за квалитетна градба.

- Градбата е доста регулирана кај нас, меѓутоа содржината е, би рекол, перфорирана, со низа празнини низ коишто меѓу другото успеваат да се протнат и неквалитетни материјали, без соодветно спроведена контрола или уште полошо со лажна контрола. Овде ќе го издвојам производството на бетон. Да се направи квалитетен бетон претставува знаење, не случајност. За тоа треба и големо ниво на одговорност на сите учесници во градбата, вели Марковски.

Професорот истакнува дека патот од идеја до реализација на градбата е долг и минува низ поголем број лица и институции, а надзорниот инженер има исклучително важна и многу одговорна улога во обезбедувањето на потребниот квалитет на градбата.

Она што особено треба да нè загрижува, според Марковски, е дали по тој пат ќе се „протне“ корупцијата.

- Уште поопасно е што во оваа област има и една дополнителна корупција која би ја нарекол технокорупција. Во такви случаи во конструкциите остануваат скриени тајни кои се разоткриваат токму при потреси како оние во Турција и Сирија, нагласува Марковски.

Според професорот, Северна Македонија има добри регулативи, а во иднина се очекува тие дополнително да се подобрат.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Зошто квалитетот на материјалот кај градбите е важен?

- Еден од предусловите за квалитетна градба е секако употребата на квалитетни материјали. Градбата е доста регулирана кај нас, меѓутоа содржината е, би рекол, перфорирана, со низа празнини низ коишто меѓу другото успеваат да се протнат и неквалитетни материјали, без соодветно спроведена контрола или уште полошо со лажна контрола. Овде ќе го издвојам производството на бетон. Да се направи квалитетен бетон претставува знаење, не случајност. За тоа треба и големо ниво на одговорност на сите учесници во градбата. Би сакал да напоменам дека моментално највисоката зграда во светот е изработена од армиран бетон што е доказ за можностите на овој материјал, но секако, само под услов ако се исполнети условите кои ги споменав.

Не сум убеден дека заштедата е основниот мотив при потфрлање на квалитетот на бетонот, туку многу повеќе незнаењето. Се разбира има сериозни компании кои водат сметка за квалитетот на материјалот и почитувањето на стандардите. Тука морам да споменам дека долго време имавме една мешавина од стари македонски стандарди преземени од поранешна Југославија и нови европски стандарди што ни создаваше и сè уште во некои делови ни создава компликации при градбата. Се надевам дека оваа состојба ќе биде надмината со Правилникот којшто е донесен во септември 2020 година, а кој предвидува од септември оваа година да се користат само европските стандарди, како за проектирање конструкции, така и за квалитет на материјалите, неговата контрола и др. Верувам дека со ова проблемот ќе биде надминат.

Што предвидува постапката за надзор при градењето, кој го врши и дали некој го контролира тој процес?

- Патот од идеја до реализација на градбата е долг и минува низ поголем број лица и институции. Се почнува со проектирањето, па следи ревизија на проектната документација, стручно мислење од Институтот за земјотресно инженерство, потоа започнува изградбата на објектот во која учествува надзорниот инженер кој треба да води сметка за квалитетот на градењето и усогласеноста на градбата со проектот и секако изведувачот. Сите учесници треба да поседуваат соодветни овластувања, а правните субјекти и лиценци. Како што може да се забележи се работи за доста регулиран систем, но и систем во кој недостигаат прецизно пропишани одговорности на пооделните учесници.

Во цела оваа низа учесници, надзорниот инженер има исклучително важна, би рекол клучна и многу одговорна улога во обезбедување на потребниот квалитет на градбата. Него практично нема кој да го контролира и затоа треба да биде исклучително стручен, совесен, претпазлив и посветен на задачата која ја има.

Дали проблемот со корупцијата кој генерално е присутен во општеството треба да нè загрижува и во оваа област?

- Секако. Уште повеќе што во оваа област има и една дополнителна корупција која би ја нарекол технокорупција. Се работи за лажни, неверодостојни резултати од контролата на квалитетот на материјалите, нешто што може да има несогледливи последици. Во такви случаи во конструкциите остануваат скриени тајни кои се разоткриваат токму при потреси како оние во Турција и Сирија. Тоа е еден мошне опасен тип корупција што може да се спречи со двојни контроли и секако со поголема свесност на инволвираните лица за последиците кои може да ги предизвика несовесното работење.

Има ли некоја регулатива која сметате дека треба да се унапреди или регулатива која ја немаме, а треба да ја имаме?

- Мислам дека треба прецизно да се дефинира одговорноста на учесниците во градбата. Тоа впрочем не е ништо ново. Во развиените земји функционира веќе подолго време. Потребно е осигурување од штети кон трети лица преку осигурителни компании. Секој од учесниците во проектирањето и градењето треба да поседува вакво осигурување за да може да биде вклучен во процесот на градење. Од неговата висина ќе зависи во кој тип проекти може да работи. Секако тука е и усвојувањето на еврокодовите – стандарди за проектирање конструкции. Во нив се содржани најактуелните сознанија од областа на градежното конструкторство. Од септември оваа година еврокодовите стануваат задолжителни за примена и кај нас и со тоа верувам дека во иднина ќе имаме поквалитетни и побезбедни конструкции.

Градежништвото во 2022: Поништени тендери, високи трошоци, правна помош за над 1000 работници

Како стоиме со домашниот кадар за надзор, има ли ангажман на кадри од странство, какви се очекувањата за идниот период, ќе имаме ли доволно експерти во областа што ќе можат да одговорат на потребите на градежните активности во државата?

- Она што со сигурност можам да го кажам е тоа дека ниту една држава не може да функционира без домашен потребен број градежни инженери. Не може држава да се потпре само на странски компании и инженери бидејќи не се работи само за изградба на нови објекти, туку и за нивно одржување, контроли, реконструкции, санации и сл. А за тоа се потребни домашни кадри. Претпоставувам на сите им е јасно дека функционирањето на многу институции и јавни претпријатија без градежни инженери е практично невозможно. И така доаѓаме до она што според мене е најкритично во моментов, а тоа е сè послабиот интерес на младите за изучување на градежништвото. Бројот на новозапишани студенти на Градежниот факултет сериозно се намалува од година во година.

Програма за размена на студенти и научници во рамки на соработката со Полска

Интересот е толку мал што градежништвото почнува да станува неодржливо. Причини за ваквиот тренд има повеќе. Дел од нив се познати, за дел можеме само да се нагаѓаме. Но едно е сигурно - ако ваквата стихија при запишувањето во високото обраозвание продолжи, во не толку далечна иднина ќе се соочиме со сериозен недостиг од инженерски кадар. А, тоа значи градби со помал квалитет, поголеми ризици од уривање и сл. Тука ја гледам опасноста, а и неопходноста надлежните институции да се позанимаваат со овој проблем и да не дозволат стихијно запишување, односно масовно студирање на одредени денес актуелни струки за сметка на оние коишто се од животно значење за државата. Мора нешто итно да се преземе барем за ублажување на овој тренд. Зошто ако не се надополни празнината, треба да бидеме свесни дека понатаму поколенијата ќе живеат во понебезбедни и поповредливи објекти.

Зошто е важно да се прави симулиран земјотрес со цел да се тестира издржливоста на објектите?

- Во секој случај е добро затоа што со секој тип тестирање конструкција сме чекор поблиску до вистината. При проектирање на конструкциите се прави математички модел со одредени претпоставки. Преку негова анализа осознаваме како таа конструкција би се однесувала при дејствување на пропишаните дејства, а помеѓу нив и при дејството на проектниот земјотрес. Меѓутоа, патот од моделот на хартија, односно компјутер, до реалноста е долг. По него се можни многу изненадувања. Најчесто непријатни. И токму резултатите од таквите мерења на изведени објекти се одличен показател за тоа колку претпоставките во проектот биле добри и како можат во иднина да се подобрат при проектирање следни објекти. Тренд во развиениот свет е постојаниот мониторинг на посериозните и позначајни градби. Оние со поизразена висина, поспецифична форма и со поголемо значење за општеството, како што се болниците, училиштата и сл.

Така добиените податоци некогаш може да послужат и за рационализација на градбите и секако, што е уште поважно, за попрецизна проценка на нивната сигурност. Скапите и чувствителни објекти не треба да бидат оставени на случајност. Подигнувањето на свеста на инвеститорите за ваков одговорен пристап кон оваа проблематика е задача на којашто треба да се работи.

Симона Србиноска

Фото: Дарко Попов и МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан