• петок, 27 декември 2024

Интерактивна прошетка за климатска акција и едукација за животната средина во Градскиот парк

Интерактивна прошетка за климатска акција и едукација за животната средина во Градскиот парк

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука е посветено на подигнувањето на свеста на учениците за екологијата, истакна денеска ресорниот министер Јетон Шаќири за време на интерактивната прошетка за климатска акција и едукација за животната средина во Градскиот парк во Скопје, направена со министерката заживотна средина и просторно планирање Каја Шукова и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Тој истакна дека целта на реформата на образовниот систем, која е во тек, е токму подобрувањето на квалитетот на образованието и во делот на климатските промени и одржливоста.

- Преку наставните и воннаставните активности, учениците стекнуваат и ги прошируваат знаењата за околината, за природните ресурси, за живеење во поврзаност со природата, за климатските промени и ефектите од нив, рече Шакири.

Грижата за животната средина, потенцира, се обработува како посебна тема во наставните програми и настојувле во иднина тоа да не биде само преку предметот по природни науки, туку и по други предмети, со цел учениците да развијат еколошки ставови, одговорност и свесност по однос на ова прашање.

Според министерката за животна средина и просторно планирање Шукова, најмладите треба да им бидат партнер во процесите на справување со проблемите со климатските промени и заштитата на животната средина.

- Најмладите се оние кои најбрзо учат и се повеќе не потсетуваат дека треба да се грижиме за животната средина и климатските промени. МЖСПП ја поддржува едукацијата на младите преку разни програми, соработката со УНИЦЕФ, поддржуваме, финансираме и кофинансираме проекти, кои ќе им помогнат на младите да сфатат дека животната средина е она за што навистина треба да се грижат пред се за нив, но и за идните поколенија, истакна Шукова.

За претставничката на УНИЦЕФ ДиЏовани, младите не се иднината, туку младите се сегашноста.

- Тие се тука и сега и тие размислуваат за иднината. Навистина е одлично да се видат сите активности за климатска акција и образование за животна средина претставени на овој интерактивен настан. Не само што ги прикажува можностите за младите во оваа земја, туку покажува дека решавањето сложени прашања како што е климатската криза бара системски партнерства и интервенции, рака под рака со акција во локалните заедници, рече ДиЏовани.

На првиот ден од пролетта, деца, млади и просветни работници на интерактивен настан ги прикажаа иницијативите за климатска акција и образование за животната средина што се спроведуваат во земјата. Меѓу другото, млади иноватори и климатски активисти ги промовираа своите локални иницијативи за климата и животната средина развиени преку програмите UPSHIFT и Младински иновациски кампови. сс/дма/

Фото: МОН

Остани поврзан