• недела, 24 ноември 2024

Интензивно се работи на конзервацијата и заштитата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“

Интензивно се работи на конзервацијата и заштитата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“
Прилеп, 18 ноември 2022 (МИА) - Конзерваторите од битолскиот и од прилепскиот Завод и музеј интензивно работат на реставраторските и конзерваторски работи на заштитата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“. Тимот стручњаци работи на втората фаза од проектот на заштитата на иконостасот по ланските почетни детектирања на оштетувањата и првите зафати на конзервација и реставрација. В година ќе биде завршната и најбитна фаза - стабилизација на целата конструкција со монументални димензии 16 на 7 метри. Оливера Макриевска, конзерватор советник од битолскиот Завод и музеј, раководител на проектот, уверува дека ова бесценето дело, едно од трите во земјава, на мијачките мајстори целосно ќе биде заштитено и нема никакви опасности за него. - Продолжуваме со реставраторско-конзерваторските работи во првата зона на иконостасот, каде што се парапетните плочи и иконите. Има уште нешто да се доврши во тој дел, во однос на иконописните дела, а во однос на резбата, се продолжува нагоре по вертикалата. Значи комплетна заштита на резбата, и од внатрешната, и од надворешната страна. Наредната година е многу битната етапа кога ќе се направи комплетна стабилизација на конструкцијата на иконостасот. Иконите, бидејќи се движно културно наследство, ќе се третираат со посебен проект. Оние што се вгадени, се дел од реставрацијата. Инаку, заштитата содржи повеќе етапи до конечната комплетна фаза. Има оштетување, можеби не до краен степен, но време е да се реставрира и да се заштити. Имало одредена заштита пред неколку децении, но оваа се смета за прва голема и сеопфатна на ова бесценето културно наследство, објаснува Макриевска. Од прилепскиот Завод и музеј се категорични дека нема основа за стравувањата дека конструкцијата може да падне. Горан Цветкоски, директор на оваа институција, нагласува дека токму затоа в година е последната, завршна фаза - стабилизација и зацврстување на конструкцијата на иконостасот. -Задоволни сме како се одвиваат реставрацијата и конзервацијата. Поднесен е проектот за заокружување на работите за догодина. Во наредната, 2023 година, ќе работиме на статиката на сите потпорни ѕидови на Иконостасот. Тоа ќе биде завршна фаза. Иконостасот е заштитено културно добро и со целосната заштита нема опасност од уништување, изјави Цветкоски. Реставраторските и конзерваторските работи ќе се одвиваат до средината на декември. Овој иконостас е едно од трите ремек-дела на мијачките мајстори, заедно со оние во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас“. Овој, во прилепската црква „Свето Благовештение“ е најголем, најмонументален. Датира од пред 184 години кога е градена прилепската, најпозната црква „Свето Благовештение“, меѓу граѓаните препознатлива како Стара црква. ем/сст/        

Остани поврзан