• четврток, 26 декември 2024

Интензивни подготовки за „Бадникова поворка“ во Куманово

Интензивни подготовки за „Бадникова поворка“ во Куманово

Куманово, 4 јануари 2024 (МИА) - Децата од Куманово интензивно се подготвуваат за бадниковата поворка. Денеска во занаетчискиот дом се изработуваа божиќните ѕвездички, некои од нив ја учеа песничката „Вечниот бог“. Подготовките за главниот настан се засилуваат последнава недела.

- Пештерата која ја носат децата и која ќе ја предводи поворката кои децата ја носат во рацете на главниот настан на 6 јануари утрото е веќе изработена, ја имаме неколку години по ред. Сите оние кои сакаат да ја видат големата пештера поставена е во „Касапски круг“, прекрасна, изработена од монашките раце на монахињите од манастирот во Рајчица, изјави Ружица Денковска од „Бадникови поворки“.

Таа вели дека последниве денови се одржуваат работилници за најмладите, за значењето на Бадник и Божиќ, што се празнува, за одредени зборови, поворка, каланда (бадникови, коледарски песни), некои термини кои за помалите деца се непознати, за ѕвездичките.

Главниот настан е на 6. јануари утрото од 9 часот од Соборниот храм „Свети Никола“, децата ќе ја пеат песната цело време низ главните градски улици, ќе ги пречека и градоначалникот на Куманово. Децата ќе продолжат на градскиот плоштад ќе се поклонат на главната пештера, која ќе биде пренесена на плоштадот, а ќе има мини детски концерт со пригодни детски песнички.

Годинава има и новина на 5. јануари децата ќе ги посетат и корисниците на услугите на домот за стари лица „Зафир Сајто“, а ќе посетат и нивно другарче со тешкотии во движењето и трговскиот центар „Сума“.

- Не мора да бидат пријавени, може сите да учествуваат и сите согласно можностите ќе пеат и оние кои ја знаат целосно, оние кои го знаат рефренот, на Христос сите да му пееме, сите се добредојдени, повика Денковска. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан