• петок, 27 декември 2024

Интегритетот во јавниот сектор е предуслов за спроведувањето на Конвенцијата на ОН против корупција

Интегритетот во јавниот сектор е предуслов за спроведувањето на Конвенцијата на ОН против корупција
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) – Интегритетот во јавниот сектор е предуслов за спроведувањето на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција, ова беше заклучокот од воведните зборови на тркалезната маса „Стандарди на интегритет во јавниот сектор според Конвенцијата на ОН против корупцијата, (членови 7, 8 и 10)“  која што се одржа денеска во организација на Министерството за правда и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи, рече дека во однос на стандардите кои се тема на денешниот настан, како што е истакнато и во извештајот од вториот циклус на преглед на имплементација на Конвенцијата, преземени се повеќе мерки и активности во согласност со барањата од одредбите на Конвенцијата. - Во однос на членот 7  - Јавен сектор, донесено е законодавство со кое се регулираат постапки за вработување преку транспарентна и конкурентна постапка за селекција. Задржување и пензија на вработени во јавниот сектор. Предвидено е редовно одржување на антикорупциска обука за административните службеници, воспоставени се правила за мобилност и ротација на позиции а надоместокот за вработените во јавниот сектор се пресметува по систем на бодови. Регулирано е известувањето за финансирањето на изборите и контрола на финансирањето на политичките партии, информираше тој. Го спомена и Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, а во однос на членот 10 - Јавно известување, го спомена Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, посочи дека самата ратификација на конвенцијата покажува дека се работи за еден глобален проблем кој што се решава на глобално ниво. - Самата структура на оваа Конвенција покажува дека е потребен сеопфатен систем во борбата против корупција кој што вклучува четири главни столбови, тоа се превентивните мерки, криминализацијата, меѓународната соработка и, се разбира, конфискацијата на имотот стекнат со корупција и повратот на имотот од земјите каде што бил стекнат со корупција во оние земји каде што бил пренесен, дополнувајќи дека се неопходни и мерки со кои што ќе се стеснат ризиците од корупцијата но и ќе се зајакне свеста и интегритетот на службените лица. Според Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, еден од начините кон постигнување на поголем степен на интегритет е поттикнување на граѓаните да ги користат своите уставни и законски права како што е Правото на пристап до информации. - Така го јакнат интегритетот на институциите, ја јакнат нивната отвореност и транспарентност, бидејќи и преку овозможувањето на непречен проток и слободен пристап до информации од јавен карактер, најдобро се заштитуваат вредностите на едно демократско општество, рече таа. Билјана Цветановска Гугоска, раководител на сектор за демократско владеење, УНДП, истакна дека корупцијата е болна точка за развојот. - Во основната цел на нашата организација е поддршка на земјите да имаат развој и напредок. Неминовно, спроведувањето на Конвенцијата на ОН за борба против корупција која што е фокусирана на поттикнување на отчетност, интегритет и транспарентност, станува клучна со цел да можат да се постигнат целите за одржлив развој и да се оствари агендата 2030, рече таа. Тркалезната маса продолжи со претставување на членовите 7, 8 и 10 од Конвенцијата на Обединетите нации против корупција и споделување на искуства во спроведувањето мерки за спречување на корупцијата поврзани со горенаведените членови. ар/аа/

Остани поврзан