• среда, 25 декември 2024

Институционална соработка и креирањето на нови современи политики во фокусот на Спортски Самит 2023

Институционална соработка и креирањето на нови современи политики во фокусот на Спортски Самит 2023

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) – Проблематиките во спортот на највисоко ниво, финансирањето, контролата и трошењето на средствата, институционална соработка и креирањето на нови современи политики се во фокусот на годинашниот Спортски Самит „Today’s Sport 23“.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој е покровител на настанот што е во организација на Здружение Геостратешки институт ГЛОБАЛ, во своето воведно обраќање истакна дека самитот дава можност за широка институционална партиципација.

- Секој во својот професионален сегмент на делување да даде силен и значаен придонес во дефинирање, не само на појдовните и моментални позиции на спортот во нашето општество, туку и за правецот и предусловите потребни за неговото унапредување, факторизирање и постојано надградување како важна сфера во севкупното општествено делување, истакна тој.

Според Спасовски, ова ќе го стави спортот во делот на реален и посебен јавен интерес на голем број категории граѓани со посебен акцент и позитивни потенцијали и врз помладите граѓани.  

- Како и секое современо општество треба да ни биде важно следејќи ги многуте динамични трендови коишто влијаат врз развојот на државата постојано да ги преиспитуваме, да ги одмеруваме сите норми и стандарди кои имаат директни импликации врз општествените сегменти, во овој случај спортот неговата артикулација, одржливост, напредок и развој, посочи тој.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека дисциплината, тимската работа, упорноста се способности што имаат суштинско значење за успехот на поединците во животот и токму спортот од најрана возраст, според него, ги развива овие вредности, а истовремено придонесува за одржување на доброто физичко и ментално здравје.  

- Огромна е моќта и влијанието на спортот кој ги надминува границите, ги обединува заедниците и ги инспирира младите. Затоа спортот е составен дел од системот на образованието.  Како општество имаме потреба од конкретни и применливи решенија за надминување на бројните предизвици поврзани со спортот. Спортскиот самит 2023 година е добра можност уште еднаш да размислиме за постоечките спортски политики и да чуеме иновативен пристап за обликување на иднината од спортски аспект, рече министерот.

Тој посочи дека како заедница треба да обезбедиме интегритет и кредибилитет на спортски настани. 

- Развиените спортски нации се на пиедестал затоа што откриваат и негуваат таленти, поттикнуваат учество и обезбедуваат еднакви можности за сите без разлика на пол, возраст или потекло. Во услови на високи технологии и иновации тие треба да бидат широко применети и во спортот. Никогаш не е доволно актуелно ниво на соработка помеѓу владините тела, спортските организации и бизнисот, секогаш тоа може да се надгради. И секако, од спортот ако сакаме врвни резултати мора да се избрка допингот, местењето натпревари и корупцијата, истакна тој. 

Според претседателот на ГИ ГЛОБАЛ, Иван Анастасовски, многу работи во македонскиот спорт не се решени.

- Никој не сака и собира храброст да нѐ собере на еден голем настан да поразговараме отворено без оглед на нашите разлики какви што ги имаме за да изнајдеме единствено заедничко решение – подобро законско решение за спортот во нашата држава, рече тој.

Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје истакна дека сите разговори коишто ќе се водат на Самитот ќе дадат јасна насока и добри идеи и ќе произлезат со конкретни резултати за подобрување и надградување на системот на нашиот спорт.  

- Како и да кажеме, ние сме сите дел од спортот и спортот е најдобар амбасадор. Стопати тоа се докажало во оваа држава за релативно малку пари да добиеме најголема промоција. Поголема дипломатија од спортската не постои, истакна тој.

Според претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, многу е важно што оваа тема се држи високо на агендата.

- Многу е интересна темата бидејќи го спојува спортот со политиката, нешто што е прилично разнородно, меѓутоа предодредено да функционира заедно за да имаме успех. Доколку ја немаме таа синергија немаме успех, а која е волшебната формула – да бидеме заедно, да се почитуваме, да се сослушуваме и да градиме квалитетни политики, рече тој.

Димевски порача во иднина да не се дозволи да имаме пратенички состав без ниеден спортист.

- Мислам дека нашето присуство таму многу ќе помогне бидејќи ние спортистите имаме и етика, имаме и квалитет да понудиме. Некогаш сме многу директни ги кажуваме работите како што се да не ни го земате тоа за зло бидејќи немаме зла намера, а верувам дека со сето она што ќе го донесеме ќе придонесеме нашето општество да биде подобра средина за сите нас, посочи тој.

На самитот се предвидени повеќе панел дискусии кои опфаќаат теми како што се глобален спорт, спортска едукација, корупција во спортот и спорт и здравје. ар/aa/

ФОТО/МИА

 

Остани поврзан