• сабота, 23 ноември 2024

Институциите на ЕУ постигнаа договор за Механизмот за поддршка на Украина 

Институциите на ЕУ постигнаа договор за Механизмот за поддршка на Украина 

Брисел, 6 февруари 2024 (МИА) - Советот на ЕУ и Европскиот парламент минатата ноќ постигнаа привремен договор за предлогот на Еврокомисијата за создавање на нов единствен Механизам за поддршка на опоравување, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, со вкупен буџет од 50 милијарди евра, преку кој во исто време ќе бидат поддржувани и напорите на земјата за спроведување на реформите како дел од нејзиниот пристапен пат кон ЕУ.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Механизмот ќе ја спои во единствена рамка сета буџетската поддршка на ЕУ за Украина за периодот 2024-2027 година, обезбедувајќи кохерентна, предвидлива и флексибилна помош намената за земја што се соочува со предизвици создадени во услови на војна. 

Според белгиски министер за финансии Винсент ван Петегем, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, овој Механизам ќе и овозможи на Унијата да му помогнеме на украинскиот народ да ја обнови својата земја во услови на невидени предизвици што ги носи руската агресија врз Украина. 

- Во, исто време, поддршката ќе и помогне на Украина да ги продолжи реформите и напорите за модернизација потребни за таа да напредува на својот пат кон идното членство во ЕУ, додаде Ван Петегем, додавајќи дека ЕУ е подготвена да ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно. 

Според договореното, Механизмот ќе биде структуриран врз основа на три столба – Планот за Украина, Инвестициската рамка за земјата и Помошта за приближување кон ЕУ. 

План за Украина, што треба да го изработи Владата во Киев, ќе ги содржи нејзините цели и намерите за опоравување, реконструкција и модернизација на земјата и за реформите што планира да ги преземе како дел од процесот на пристапување во ЕУ.  

Врз основа на спроведувањето на целите наведени во Планот, ќе се реализира и исплатата на финансиската поддршка за Украина во форма на грантови и заеми, за што ќе биде изработена програма со збир на услови за земјата и временска рамка за исплати на средствата. 

Инвестициската рамка, претставува инструмент врз основа на кој ЕУ ќе обезбеди поддршка во форма на буџетски гаранции за исплата на грантови и позајмици од јавни и приватни институции. Рамката ќе ги покрива ризиците за позајмиците и другите форми на финансирање со кои би се поддржало спроведувањето на целите предвидени со Механизмот. 

Третиот столб ќе ги опфаќа конкретната помош и другите мерки за поддршка на Украина во усогласувањето на националното со законодавството на ЕУ и за спроведување на структурни реформи на нејзиниот пат кон членство во Унијата. 

Од  вкупниот буџет од 50 милијарди евра предвиден со Механизмот за поддршка на Украина, 33 милијарди евра ќе бидат во форма на позајмици, а останатите 17 милијарди евра во грантови, кои ќе бидат обезбедувани преку новиот посебен инструмент воспоставен со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ. Од друга страна, гаранциите за кредитите ќе бидат обезбедувани по примерот на тековното финансирање во рамките на Макро финансиската помош „Плус“ (МФА+). 

Согласно договореното, Украина ќе може да побара исплата на предфинансирање во износ до седум отсто од предвидената сума со Планот. 

Значителен дел од инвестициите во рамки на Планот и Инвестициската рамка ќе бидат наменети за реализација на „зелени“ проекти. Дел од средствата од Планот ќе бидат насочен кон поддршка на спроведување на реформите од страна на националните власти, а од Инвестициската рамка и за помош на мали и средни претпријатија.  

Текстот на договорот предвидува и одредена флексибилност во однос на менаџирањето со украинскиот Буџет, имајќи предвид дека Украина е земја во војна. 

Предуслов за поддршката на државата во рамките на Механизмот ќе биде Киев да продолжи да ги поддржува и почитува ефикасните демократски механизми, вклучително и повеќепартискиот парламентарен систем и владеењето на правото, како и да гарантира почитување на човековите права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници. 

Со договорот е предвидено дека Европскиот парламент ќе може најмалку на секои четири месеци да побара разговори со Еврокомисијата за спроведувањето на Планот и за квалитативно и квантитативно остварување на напредокот, пред се во однос на социјалните, економските и еколошките димензии. 

Постигнатиот договор сега треба да биде одобрен од страна на Советот на ЕУ и Парламентот, по што ќе започне формалната процедура за усвојување на регулативата за Механизмот, која ќе стапи во сила следниот ден по објавувањето во Службениот весник на Унијата и ќе почне да се применува веднаш. сп/ 

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан