• четврток, 26 декември 2024

Институтот Ромалитико: Лавиринтот низ институциите на лицата без државјанство

Институтот Ромалитико: Лавиринтот низ институциите на лицата без државјанство

Скопје,11 април 2023

Станомир Пеливановиќ, Ром од Битола дури на 72 годишна возраст се стекна со државјанство, извод, лична карта и здравствено осигурување. Сите овие години Станомир живеел со лична карта за странец која се обновувала секоја година и според законот по 8 годишен престој во земјава тој добил можност да аплицира за државјанство. Најстрашната помисла со која се соочувал е дека ќе нема можност ниту за гробно место, покрај немањето на останатите права. Станомир секојдневно се прашува каква ќе биде судбината на сите оние кои во нашата држава го имаат истиот проблем. Моментално во тек е постапка Станомир да добие и пензија.

Според последниот попис во 2021, се нотираат повеќе од 584 случаи на лица без државјанство и извод од матична книга на родени Овие лица немаат пристап до здравствена заштита, образование, вработување, односно немаат пристап до сите социјални права.

Во шест-минутното видео на тимот од Институтот Ромалитико проследете ја неговата приказна која носи емоции на успех, тага, но и револт кон институциите.

Во видеото Станомир зборува за неговата лична приказна и за тоа како при преселување од Србија и по распаѓањето на Поранешна Југославија останува без документи. „Пошироката јавност, за жал, не е запознаена со овој проблем и токму поради тоа ние спроведуваме кампања за подигнување на свеста за овој проблем“, велат од Ромалитико. „Нашиот теренски соработник Ремзи Медик, како што објаснува во видеото, во макотрпен процес и во соработка со Станомир и институциите во Србија обезбедил документи, собирал докази и следел попратни регулативи и филтри се со цел да обезбеди државјанство, а потоа и извод и лична карта. Новитет е и дека скоро обезбедил и здравствана заштита, а работи и на обезбедување на старосна пензија.“, додаваат тие.

Работата на Ромалитико и ангажираните лица низ 17 општини во Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите, како Ремзи Медик во Битола, навистина даваат надеж за тоа дека со истрајност може да се најде решение за секој проблем. Структурите на терен во сите општини досега имаат помогнато на 1247 лица при вадење на лична документација. Во оваа бројка се вклучени и лицата без документи и лицата без државјаснтво.

Институтот Ромалитико ги повикува сите граѓани Роми да пријават нерегуларности и потешкотии со институциите на следниот линк: https://reagiraj.org.mk/report-an-incident/. Нивниот тим ќе ја добие и процесира пријавата по што ќе ги контактира граѓаните за поддршка.

Институтот Ромалитико ги повикува сите надлежни органи да превземат одговорност и да работат кон тоа да се намали јазот и лавиринтот при издавање на документи како и соодветно и доследно да се следат и олеснат постапките кои тие самите ги регулираат.

 

Институтот Ромалитико

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан