• среда, 27 ноември 2024

Институтот за радиологија одбележа 75 години постоење

Институтот за радиологија одбележа 75 години постоење
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - ЈЗУ Институт за радиологија – Скопје денеска во Музејот на македонска борба за самостојност одбележа 75 години од постоењето. Пред присутните се обрати министерот за здравство Беким Сали, а обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф д-р Никола Јанкуловски, како и медицинскиот директор на Универзитетескиот институт, д-р Гордана Антулеска - Белческа. - Токму овој Универзитетски институт е референтен центар во националната скрининг програма, организирана и спроведена од Министерството за здравство. За таа цел, оваа институција обезбедува двајца радиолози и двајца радиолошки технолози. Од Министерството за здравство ќе биде обезбеден мамограф со томосинтеза и стереотаксична биопсија, како и ултразвучен апарат за дојка, кои секако ќе се користат и за редовно закажаните пациенти преку Мој термин, со цел подигнување на нивото и квалитетот на прегледот, истакна министерот Сали. Ректорот Јанкуловски рече дека денешниов ден претставува исклучително важен датум во календарот на историјата на македонското здравство, но и на развојот на високото образование и научната мисла во нашата држава. - Во оваа пригода не можеме, а да не се потсетиме и на институционалните зачетоци на националниот образовен систем во Македонија, бидејќи токму Медицинскиот факултет е еден од неговите први конститутивни и најважни основни столбови. Преку постојаната комуникација со водечките европски и светски медицински факултети и универзитетски клиники, интенцијата е да се подигне квалитетот како на едукативната и научната дејност, и едновремено, перманентно да ја развиваме и усовршуваме и здравствената дејност, истакна ректорот Јанкуловски. Медицинскиот директор на Универзитетскиот институт, д-р Антулеска – Белческа посочи дека здравствената дејност што ја вршат Медицинскиот факултет и Клиниката за радиологија е високо диференцирана и претставува столб на македонското здравство. - Сакам во оваа прилика да изразам благодарност на сите оние кои не штедејќи се себеси се вградиле во развојот и респектабилност на оваа установа, пензионерите, кои својот работен век го посветиле на развојот на истата, имплементирајќи ги етапно процедурите, а со тоа и себе во развојот на радиологијата, придонеле таа да се вброи во редот на установи со високо реноме во земјата, но и надвор од неа. Да се заблагодарам на вработените кои секојдневно се соочуваат со проблеми од преголемиот наплив на пациенти, горда сум што сум дел од тимот, благодарност до организацискиот директор и неговата поддршка, благодарност до нашите соработници со кои долги години успешно соработуваме и заедно напредуваме, додаде д-р Антулеска – Белческа. За историјатот на институтот зборуваше проф Д-р Миодраг Врчаковски. Меѓу присутните гости беа и пензионирани професори, специјалисти и останат медицински кадар и друг кадар кој има значаен белег во континуираниот напредок на Универзитетскиот институт за радиологија. Модератор на настанот беше Сашко Коцев. рп/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан