• четврток, 26 декември 2024

Институтот за белодробни заболувања доби опрема за третман на пациенти и доопремување на мобилната клиника

Институтот за белодробни заболувања доби опрема за третман на пациенти и доопремување на мобилната клиника
Скопје, 29 април 2021 (МИА) - Турската агенција за координација и соработка - ТИКА донираше медицинска опрема на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и го реализираше проектот „Мобилна клиника“. Министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност до Агенцијата ТИКА, укажа на заедничките проекти и додаде дека со тоа се направени сериозни поместувања, зајакнувања на здравствениот систем. Потсети на болницата ГАК во Чаир, интензивната нега на Педијатриската клиника. Филипче информира дека се работи за проект со кој се поддржува работата на Институтот за белодробни заболувања, кој е познат по искуствата на идентификување на многу специфични белодробни заболувања. Во овој момент еден дел од овој Институт, како што рече, е целосно посветен на третман на пациенти заболени од Ковид, благодарение на искуството коешто го има во третирањето на пациенти кои имаат болести на белите дробови. -Станува збор за донирана опрема од страна на Агенцијата ТИКА со што се доопремува мобилната амбуланта, а со ова здравствената услуга ја приближуваме кон пациентите посебно во региони кадешто е тоа потешко достапно за граѓаните и нешто што освен во делот на специфичните белодробни заболувања, имајќи ги предвид сите овие актуелности во врска со последиците од Ковид и може да значи полесен пристап до идентификување на вакви компликации кај граѓаните коишто прележале Ковид. Дополнителната опрема за Институтот  е опрема којашто значи еден поголем квалитет во делот на третманот во заболувањата на белите дробови, изјави министерот Филипче.
Донираната опрема за болнички услови се состои од монитор, инфузиомат, дефибрилатор, сет за реанимација, апарат за хемостаза и д-димери. Додека делот од опремата наменет за флуоробусот кој припаѓа на Институтот, која ќе биде користена на терен, се состои од ЕКГ, хематолошки бројач, фрижидер за складирање на примероци за микробиолошки испитувања. Медицинската екипа покрај лекарската консултација и преглед, ќе биде опремена за следниве дијагностички процедури: изведба на рентген графија, земање крв за крвна слика и лабораторија, земање на исплувок за микробиолошки испитувања, ЕКГ, тензија и пулс оксиметрија. Мобилната екипа ќе биде составена од одговорен специјалист, вработен во Институтот, медицинска сестра, стажант и возач.
-Во овој момент разговараме и за нови проекти, но и еден којшто е во тек, а тоа е целосно реновирање на делот на превентивна стоматолошка заштита кај децата во Стоматолошкиот клинички центар, верувам дека во следните недели и месеци и сето тоа ќе заврши и ќе можеме заеднички да го одбележиме почетокот на на работа на тој реновиран дел, најави министерот Филипче.
Од Агенцијата ТИКА информираа дека активностите во нашата земја ги почнува своите активности во 2005 година во повеќе области и досега има реализирано над 1.000 проекти, а најголемо внимание е дадено во здравствениот сектор. Дел од реализираните проекти се - обнова на Одделот за интензивна нега на Детската клиника со најмодерна опрема, реновирање и изградба на амбуланти во рурални средини со ограничени можности за развој, проектот за набавка на комплетно опремени амбулантни возила кои вршат превоз низ цела држава, како разни проекти за развој на вештините на  здравствениот персонал. мд/лв/
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан