• недела, 10 ноември 2024

Инсталирани фотоволтаици на прочистителната станица за отпадни води во Вевчани

Инсталирани фотоволтаици на прочистителната станица за отпадни води во Вевчани

Вевчани, 8 октомври 2024 (МИА) - Општина Вевчани имплементираше иновативен проект за заштеда на електрична енергија преку инсталација на фотоволтаичен систем на прочистителната станица за отпадни води. Проектот, кој денеска беше промовиран во Општина Вевчани, овозможува поекономичен третман на отпадните води, производство на енергија од обновливи извори, а со тоа и намалено негативно влијание врз животната средина.

Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица, за градоначалникот Спасе Кочовски, е особено важно.

- Секој проект кој придонесува за заштита на животната средина има огромно значење за нас како општина. Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица е особено важно затоа што претставува континуитет на нашите напори да ја подобриме енергетската ефикасност на јавните објекти, но и да го зголемиме нивото на искористеност на обновливите извори на енергија, рече Кочовски.

Фотоволтаичната централа е со инсталирана моќност од 19,8 киловати и се очекува на годишно ниво да произведува меѓу 20 и 25 MWh електрична енергија.

- Проектот придонесува намалување на енергетската сиромаштија, заштита на животната средина, подигнување на свеста на граѓаните и подобрување на условите за живот и работа. Со цел да се отиде чекор понатаму во овие предизвици, неопходен е сеопфатен пристап на централната и локалната власт кој меѓу другото ќе опфати и формирање Фонд за енергетска ефикасност, истакна Ивана Серафимова од Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Вевчани е една од 10-те општини од Западен Балкан кои реализираа иницијативи за енергетика, транспорт и климатски промени во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“.

Проектот безбедува техничка поддршка, зголемување на капацитетите, можности за вмрежување и поддршка на мали проекти во насока на развој, имплементација и мониторинг на Планот за одржлива енергија и климатска акција (SECAP). Покрај Вевчани, од земјава е вклучена и Општина Кочани во која се реализираше проект за „паметно“ улично осветлување, кој ќе придонесе за заштеда на електрична енергија и побезбедни јавни простори. Кофинансиран е од Европската унија и од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го имплементира Германското друштво за интернационална соработка (GIZ). сс/дма/

Остани поврзан