• среда, 25 декември 2024

Инспектор од ДЗСИ ќе го испитува случајот за починатата родилка од Делчево во штипската болница

Инспектор од ДЗСИ ќе го испитува случајот за починатата родилка од Делчево во штипската болница

Штип, 28 декември 2023 (МИА) - Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) денеска ќе испрати инспектор во штипската Клиничка болница по смртта на 26-годишната родилка од Делчево, ова за МИА го изјави директорката на ДЗСИ, Рената Младеновска. Таа најави дека во текот на утрешниот ден ќе ги има и првите информации за овој случај по инспекцискиот надзор на инспектор од Кочани. Штотуку пристигна и соопштението од Клиничка болница-Штип, кое беше најавено вчера и од директорот, Ален Ѓеорѓијев. Во него се наведува дека пациентката е примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26.12.2023 год. околу 10:20 часот, за породување.

- Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.

Во него се посочува и дека поради тоа, конзилиумот од двајца анестезиолози, двајца гинеколози и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префрлена на КАРИЛ – Скопје за понатамошен третман.

- Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања, ја разгледа документацијата за случајот и утврди дека нема пропусти во третманот на пациентката. Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме, што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази, стои во соопштението на Клиничка болница-Штип.

Раководството на болницата изразува и најдлабоко сочувство до семејството на починатата пациентка. вдј/ир

Фото: МИА архива

Остани поврзан