• четврток, 26 декември 2024

Инспекторите за патен сообраќај очекуваат измени во законот за поефикасно сузбивање на дивите превозници

Инспекторите за патен сообраќај очекуваат измени во законот за поефикасно сузбивање на дивите превозници
Струмица, 24 ноември 2022 (МИА) - Општинските инспектори за патен сообраќај очекуваат измени во Законот за да можат да работат поефикасно на сузбивање на дивите превозници, кои ги има скоро секаде во државата. Овој заклучок денеска беше усвоен на работната средба на општинските инспектори од повеќе градови од државата, којашто се одржа во Струмица во организација на Општината преку Одделението за инспекциски работи, а присуствуваа и претставници на Инспекцискиот совет и Комисијата за одлучување по прекршоци од втор степен. Според претставник на Инспекцискиот совет, главен проблем е неусогласеноста на законската регулатива. -Со Законот за инспекциски надзор беше предвидено во рок од 6 месеци да бидат усогласени сите останати закони. За жал, досега само една третина од законите се усогласени и тоа создава проблеми во функционирањето на општинските инспектори, рече Благоја Гешоски, член на Инспекцискиот совет. Според иснпекторите, во ЗЕЛС е подготвено предлог решение, но тие ќе побараат од пратениците и Министерството за транспорт и врски нивните барања да бидат дел од законот. -Конкретно во делот на жолтите регистарски таблички треба да се изврши корекција, бидејќи досега такси превозниците се изложени на непотребни трошоци. Потоа, во делот на репресивните мерки каде има предвидено и одземање на сообраќајните дозволи, но и покрај тоа некои превозници продолжуваат да вршат превоз. Затоа е потребно да имаме база на такви прекршители и по повеќе прекршувања на законот глобата да биде многу поголема, па дури и да се одземаат возилата со кои се врши превоз, рече Ѓорги Аризанов, општински инспектор за патен сообраќај во Струмица. Според него, бројот на дивите превозници варира, односно има такви кои кои се регистрираат и по еден или два месеци престануваат со работа, но продолжуваат да работат нелегално. -Има и такви кои кои користејќи ја неагилноста на судовите опстојуваат како диви превозници подолг временски период, бидејќи од судовите чекаме одговор по некои предмети по две или три години, додаде Аризанов. Работната средба на инспекторите за патен сообраќај ја поздрави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека проблемите еден по еден се анализираат и се предлагаат соодветни решенија за да може да функционира Општината и граѓаните да бидат задоволни. рт/дма/

Остани поврзан