• петок, 27 декември 2024

Иницијаторите за измени на Изборниот законик не се откажуваат од Предлогот и покрај најавата за подготовка на нов закон

Иницијаторите за измени на Изборниот законик не се откажуваат од Предлогот и покрај најавата за подготовка на нов закон
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - По денешната најава на министерот за правда Никола Тупанчески дека оваа недела започнува процес за подготовка на нов Изборен законик, дел од предлагачите измените на постојниот Изборен законик, што се во собраниска процедура, во изјави за МИА велат дека не се откажуваат од својот предлог и имаат намера да продолжат со постапката што се води во Собранието. Постапката што се води во Парламентот за Предлог-законот за измена на постојниот Изборен законик ќе продолжи, вели за МИА претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е еден од иницијаторите на Предлог-закон за измена на Изборниот законик, со кој се предвидува пратениците да се избираат според пропорционален модел без изборен праг при што државата би била една изборна единица, - Апсолутно ниту имам намера, ниту кој било од предлагачите имаат намера да го повлечат законот кој е во собраниска процедура, потенцира Трајанов. И пратеникот на Левица, Борислав Крмов за МИА појасни дека засега не планираат да го повлечат Предлог-законот за измена на Изборниот законик, иако партијата се согласува дека има потреба од нов Изборен законик. - Тој Предлог-закон ние што го поднесовме може да се измени амандмански или ако дојдеме до решение кое ќе биде слично, тогаш тоа решение може да биде повлечено и да се земе предвид решението од работната група кое сите ќе го гласаме. Значи имаме повеќе модели, може да има измени, но не и повлекување, изјави Крмов. Трајанов, во изјавата за МИА вели дека денеска имале усогласен став на партиите на координација, па затоа очекува многу брзо да започне расправа на пленарна седница и нивниот Предлог-закон за измена на Изборниот законик да помине во првата фаза. Потоа, како што појасни, ќе има јавна дискусија каде што Комисијата за политички систем ќе ги сублимира јавните мислења од сите политички партии, парламентарни и вонпарламентарни, натаму од експертите и забелешките кои ќе дојдат од ОБСЕ/ОДИХР и Европската Унија и тогаш ќе се оди на втората фаза, каде преку амандмани веројатно ќе има можни промени или подобрување на текстот. - Во основа треба да има реформи на изборните правила, меѓу другото треба да се укинат и системските предности што четирите големи партии ги вградија во Изборниот законик околу финансирањето на партиите, околу медиумската презентација, каде што 90 отсто од времето припаѓа на четири партии - две од власта и две од опозицијата. Затоа, поднесов иницијатива до Уставниот суд и очекувам Уставниот суд да започне расправа и да ги укине, нагласи Трајанов. Според него, право е на министерот да иницира работна група, но, како што рече, не верува дека има намера да го блокира повторно законот или да го развлече неговото донесување, затоа што таа работна група може да работи со години и ништо да не договори и ништо да не направи. - Тој повторно ја враќа топката на партиите, тие да се усогласуваат. Тој процес на целосна усогласеност на сите партии никогаш нема да заврши, смета Трајанов. Претседателот на Демократскиот сојуз вели дека ако бидат повикани да имаат свој претставник во работната група за подготовка на новиот Изборен законик сигурно дека ќе предложат некој од експертите. - Но, кажувам дека работна група составена од политички партии многу тешко ќе работи и тешко ќе се согласува. Во секој случај нема да прифатиме ако повторно таа работна група е составена од претставници на четирите партии кои ќе се усогласуваат повторно да направат изборни правила кои ќе им одговараат само на нив, ќе нема да се обезбеди рамноправен политички натпревар за сите партии да имаат исти стартни услови за изборна презентација на програмите и сите аспекти поврзани со презентирање на активностите на партиите, смета Трајанов. Крмов истакнува дека и Левица би прифатила учество во работната група за подготовка на нов Изборен законик. - За работната група очекувам да добиеме покана и ќе се приклучиме. Ние веќе учествувавме во една слична работна група која требаше да донесе Изборен законик пред локалните избори. Ќе прифатиме учество, апсолутно да, бидејќи цениме, исто како министерот дека вакви битни системски закони мора да се донесат со консензус посебно од парламентарните партии, потенцира Крмов. Според Трајанов, за нивниот Предлог-закон има огромна согласност или практично, како што вели, блиску се до консензуална поддршка, затоа што над 90 пратеници се за измените. - Останува уште да видиме дали преку оваа расправа, преку силата на аргументите ДУИ ќе прифати промена на изборните правила. Во секој случај ќе имаме можност преку јавната дискусија да ги соочиме фактите, аргументите и ќе видиме како ќе се одвива тој процес, вели Трајанов. Според Трајанов, ако се оди на консензуална согласност на сите партии застапени во Парламентот, тогаш таква согласност никогаш нема да се добие за измени на Изборниот законик. - Ако мислат само четири партии да го градат консензусот тоа е сосема друго прашање, тоа повторно ќе биде во нивен интерес да имаат монопол на изборниот процес и тоа значи дека ќе продолжи промената на две водечки политички партии на власт ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а да немаат можност другите партии да имаат какво било влијание во носење на клучни и круцијални одлуки и Македонија и натаму ќе биде на последно место во Европа по сите параметри, посочува Трајанов за МИА. Косово, смета тој, по многу параметри веќе се движи напред, за разлика од нас. - Две најголеми партии практично имаат монопол на сите процеси во државата и се менуваат меѓу себе се обвинуваат, понекогаш се прогонуваат со кривични пријави, но сето тоа е на штета на демократизација на државата. Значи, една изборна единица е спас за иднината на Македонија. Се друго е политиканство и штитење на затечени позиции, потенцира Трајанов. Според Крмов, пак, доколку партиите на Албанците се залагаат за како што рече „демократизација во изборниот процес, а со тоа и во општеството“ ќе се согласат за воведување на една изборна единица. - Ќе видиме какво ќе биде расположението, јас мислам дека ќе биде тешко, но наше е да се обидуваме, мислам дека најголем процент е за една изборна единица, најголем број од експертите или скоро сите експерти се согласни дека тоа би значело многу поголема демократија. Ќе видиме колку ќе стојат на тие европски начела на кои се засноваат албанските партии, ако веќе се засноваат на демократски принципи и човекови права не би имале никаков проблем, оцени Крмов. Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се предвидува пратениците да се избираат според пропорционален модел без изборен праг при што државата би била една изборна единица, е иницијатива на пратениците Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, Панчо Минов од СДСМ и на сега веќе поранешниот пратеник на ДОМ, Мирослав Богдановски. Според предлагачите на измените, со нив ќе им се овозможи на помалите политички партии „да го остварат своето право на претставување“, секој пратеник да има иста тежина, а составот на Собранието да биде реален одраз на определбите на граѓаните. Овој Предлог првично беше на дневниот ред како 58 точка на собраниската седница што започна на 18 мај минатата година, но расправата по него не започна и тој остана заглавен во собраниските процедури се до неговото актуелизирање со ставањето на дневен ред на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на 22 март годинава, која доби зелено светло за негово усвојување. Согласно собраниската процедура, Собранието треба на пленарна седница треба да се произнесе по Предлогот и ако реши дека тој е прифатлив, се очекува да се организира јавна расправа по предложените измени, во која ќе можат да се вклучат сите партии, невладиниот сектор, медиумите и сите други заинтересирани страни, меѓу кои и ЕУ и ОБСЕ/ОДИХР. Начелна поддршка на предложените измени дадоа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, додека од ДУИ велат се отворени за разговори за измена на Изборниот законик врз основа на аргументи, за да се најде еден поширок „меѓуетничи, па и меѓупартиски консезус“, но дека нема да дозволат „да дојде до мајоризација“ при неговото носење. Наспроти ова, Алијансата за Албанците е против воведување на една изборна единица, но е и против сегашниот модел со шест изборни единци, туку предлага утврдување на изборните единици врз основа на осумте плански региони. Министерот за правда Никола Тупанчески, денеска на прес-конференција најави дека во текот на оваа и идната недела ќе го започне процесот на подготовка за донесување на нов Изборен законик. Идејата, како што посочи тој, е од Министерството за правда иницијално да тргне процесот за подготовка на нов Изборен законик, кој би значел вградување на сите препораки од меѓународниот фактор, пред се од ОБСЕ/ОДИХР, меѓутоа и забелешките од другите засегнати страни. Во текот на оваа недела, како што информира тој, до сите засегнати страни ќе биде испратен допис во кој ќе бидат поканети пред се политичките партии, да земат учество во подготовката на Изборниот законик. Тој најави дека ќе бидат поканети и другите засегнати страни, односно невладините организации, здруженија и сите кои на некој начин се поврзани со изборната проблематика. Според Тупанчески, Изборниот законик претставува еден од основните претпоставки за едно демократско општество и Министерството за правда треба да биде максимално транспарентно и инклузивно и да ги имплементира забелешките кои беа споменати при спроведувањето на последните предвремени парламентарни избори. – Сакаме процесот да биде транспарентен и инклузивен зашто се работи за хиперсензитивна материја која може да има широк појас на консеквенции во однос на она што се нарекува имплементирање на демократијата во најширока смисла на зборот. Едно од посебните укажувања на меѓународниот фактор беше дека најдобро ќе биде Изборниот законик да биде донесен најмалку шест месеци пред изборите, затоа што тоа се правила на игра кои треба да се почитуваат. Предуслов е и вториот сегмент, а тоа е да се почитува начелото на консензуалност, појасни Тупанчески. Работата на работните групи, според Тупанчески, ќе почне во многу брз, краток временски интервал - Како ќе изгледа моделот на политичкиот систем преку кој се избираат пратениците или претставниците во државата нема да зависи од мене како министер, туку од работната група, понудените решенија, идеи и аргументација, рече министерот. Марија Спасовска Симона Србиноска Фото: МИА Архива

Остани поврзан