Иницијатива „Збогум Буково“: Две години се доволен рок за Југозападниот плански регион да ја добие регионалната депонија
- Ниту една од 18-те општини од Југозападниот плански регион не ја има завршено обврската за изготвување техничка документација за спроведување на планот за затворање на општинските депонии за отпад, конкретно за нивно санирање и реанимирање.
Охрид, 13 декември 2024 (МИА) – Ниту една од 18-те општини од Југозападниот плански регион не ја има завршено обврската за изготвување техничка документација за спроведување на планот за затворање на општинските депонии за отпад, конкретно за нивно санирање и реанимирање. Тоа беше посочено на денешната прес-конференција што ја свикаа активистите на „Збогум Буково“, граѓанската иницијатива формирана со цел забрзување на процесот на уредување на прашањето со одлагањето и третманот на комуналниот отпад во Охрид.
Активистите од „Збогум Буково“ посочија дека од ресорното Министерството за животна средина и просторно планирање добиле уверување оти до средината на идната година ќе биде обезбедена сета неопходна документација за спроведувањето на стратешкиот план за изградба на регионалната депонија за селекција, преработка и одлагање цврст отпад за односниот регион, капацитет што е предвидено да се гради во Општина Новаци.
Според нив, информациите од Министерството укажуваат дека планот е во 2027 година Југозападниот плански регион да ја добие долго очекуваната регионална депонија за третман на комунален отпад.
Од Европската банка за обнова и развој обезбедени се 55 милиони евра кредит за изградба на депонии во пет региони од земјата, а само за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион се потребни 34 милиони евра.
Интенцијата на активистите на „Збогум Буково“ е да вршат притисок врз надлежните институции за да ги забрзаат активностите на сите нивоа на одлучување за Југозападниот плански регион да биде првиот што ќе ја добие таа инсталација.
- Две години се доволен рок да се спроведе планот за изградба на Регионалната депонија. Нашата интенција како Иницијатива е да бидеме активни, да притискаме за формирање на предвиденото и најавуваното меѓуопштинско јавно претпријатие што ќе го води тој процес, за токму Југозападниот плански регион да биде првиот што ќе успее да добие своја депонија, рече Драгана Карашова од Иницијативата „Збогум Буково“.
Една од целите на Групацијата граѓански организации обединети во Иницијативата е да бидат активни во рамки на процесите на одлучување во Општина Охрид, да се следат чекорите што градот ги спроведува во насока на уредување на третманот на комуналниот отпад, се со цел да предничи во процесот.
Уште беше истакнато дека паралелно со процесот на изградбата на регионалната депонија, останува обврската на општините да спроведуваат и активности за затворање на општинските депонии, но и за го забрзаат процесот на формирање меѓуопштинското јавно претпријатие што ќе врши селекција и транспорт на комуналниот отпад до регионалната депонија.
- Обврска на Општина Охрид е додека стане функционална регионалната депонија, да спроведе активности на депонијата „Буково“, истата да ја загради, да постави чуварска служба, да обезбеди резервоари со вода и да спроведе мерки за спречување на појава на пожари и чад, нагласи Ѓорѓи Љатков од Иницијативата „Збогум Буково“.
За Општина Охрид веќе се обезбедени 50 илјади евра за изработка на техничка документација за санирање на општинската депонија „Буково“.
Активистите на Иницијативата „Збогум Буково“ најавија дека планираат своите активности да ги формализирааат преку Здружение на граѓани, за како правен субјект и формално да бидат во можност активно да бидат вклучени во сите процеси и одлучувања по односната проблематика, но и да спроведуваат и паралелни активости во насока на подигнување на јавната свест на населението за потребата од уредување на прашањето околу примарната селекцијата, третманот и преработката на комуналниот отпад. аб/са/
Фото: МИА