• петок, 27 декември 2024

Иницијатива за училишни градини во четири прилепски училишта

Иницијатива за училишни градини во четири прилепски училишта

Прилеп, 8 септември 2023 (МИА) - Четири прилепски училишта се дел од проектот „училишни градини“ кои ќе ги подобрат знаењата, но и ќе ги поврзат сите предмети и сознанија во наставниот процес во основното образование. Концептот во земјава е од пред десет години, некои училишта веќе имаат позитивни искуства. Придобивките од здравата храна, се големи.

- Во Прилеп имаме четири училишта кои се влезени во проектот „училишни градини“. Тоа се училиштата „Кире Гаврилоски“, „Кочо Рацин“, „Климент Охридски“ и „Блаже Конески“. Во најава е и петто училиште и се надеваме дека тоа ќе го прошириме на целата Општина. На ниво на држава, досега има 10-тина училишни градини, без разлика дали се рурални или урбани средини. Училишните градини се многу интересни за учениците, а тоа што ќе се научи од градините ни значи нам на наставниците, на сите ученици и на целиот колектив во училиштето. Тоа се моменти во кои ние може да соработуваме, да се дружиме. Се развива тимскиот дух кај учениците, а нормално и кај наставниците. Тренд во светот е да си произведуваме храна за сопствените потреби. Кога учениците ќе ја произведат таа храна од семка до готов продукт тоа ним им е многу мило. А многу е битно производството на здрава храна, уште повеќе учениците да го научат тоа. За првпат училишна градина има во скопското училиште „Лазар Танев“ која до денеска функционира, објаснува Гоце Бумбаоски наставник во прилепското основно училиште „Кочо Рацин“.

Ова е ново на ниво на училиштата и има препреки.

- На пример, во нашето училиште, „Кочо Рацин“ неколку пати се обидовме да мобилизираме неколку компании кои се во нашето опкружување, родители. Не мора да биде помошта финансиска, туку во материјали. Имаме аплицирано до неколку општествено одговорни компании. Пред извесно време е воведен и предметот во основното образование – градинарство што е одличен вовед во приказната за училишни градини. Но во практиката тешко се одвива. Сепак не се откажуваме. Има родители и поединци кои нудат помош, вели Бумбароски.

Невладината „Слоуфуд Македонија“ е поборник на училишните градини. Уверуваат дека бенефитите се пренесуваат на сите училишни предмети. Процесот кај нас се одвива тешко зашто не е сфатена суштината.

- Бенефитот на градинарството вонучилишните средини не е само да се произведе. Туку и развој на когнитивните вештини и социјализацијата. Тие добиваат вистинско знаење што е тоа храна. А многу предмети може да се интегрираат, зашто градината станува училница на отворено. И тоа за сите предмети. Онаму каде се реализираат градините, бенефитите се огромни. Освен тоа, овозможуваат вмрежување за многу проекти со училишта во земјава и од странство. Овој процес кај нас се одвива тешко зашто не е сфатена суштината, смета Филип Димкоски од „Слоуфуд Прилеп“.

Во Прилеп, одлично искуство со училишните градини има средното училиште „Орде Чопела“ кое неодамна беше наградено за иновација во системот за наводнување „капка по капка“. ем/ир

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан