• среда, 25 декември 2024

Иницијатива за заживување на Детското одморалиште на Голак

Иницијатива за заживување на Детското одморалиште на Голак
Делчево, 29 јануари 2022 (МИА) - Десетина стручњаци се заинтересирани за иницијативата за заживување на туризмот на делчевската планина Голак преку реконструкција на некогашното Детско одморалиште. Интересот доаѓа по иницијативата на Гоце Попов, претседател на делчевскиот Совет кој со цел изнаоѓање решение за реконструкција на Детското одморалиште ,,Голак" ги повика заинтересираните инженери, архитекти и урбанисти од Делчево, активно да се вклучат во заживувањето на идејата во реализацијата на неговата иницијатива. -Сметам дека реконструкцијата и ревитализацијата на одморалиштето на Голак е клучна за враќање на голем број посетителите на планината Голак и повторно заживување на туризмот. Според моите идеи иницијативата би можела да започне и да се одвива преку покренување иницијатива за распишување на конкурс за избор на најдобро идејно решение за реконструкција на одморалиштето во Голак и вториот начин е покренување иницијатива за изработка на идеен проект за реконструкција на одморалиштето во Голак, истакна Попов.   Додаде дека целта е со учество на заинтересираните лица да разработат заеднички неколку решенија и ќе ги понудат јавно и транспарентно на избор на граѓаните на Делчево. -Делчево има докажани професионалци во оваа област на локално, државно и меѓународно ниво. Досега 10-тина наши сограѓани кои по професија се инженери, архитекти и урбанисти пројавија интерес активно да се вклучат во заживувањето на идејата, без финансиски надомест и во интерес на туристичкиот развој на градот. Една од пријавените е и урбанистот Софија Јанкуловска која магистрираше на тема „Урбанизација и визија за просторниот развој на планината Голак”, додаде Попов. Дополни дека првиот координативен состанок е планиран за февруари годинава, на кој ќе биде дефиниран понатамошниот тек на активностите за реализација на оваа иницијатива. Ова е прва позначајна иницијатива за дебата за рестарт на Детското одморалиште на Голак, кое под неразјаснети околности буквално се распаѓа доживувајќи ја судбината на голем број одморалишта во државата. вс/вј/

Остани поврзан