Индија, прв пат во историјата, ќе организира Светско атлетско првенство
- Индија ќе биде домаќин на Светското атлетско првенство во сала во 2028 година, објави денеска претседателот на Светската атлетска федерација Себастијан Коу.
Торун, 19 март 2026 (МИА) – Индија ќе биде домаќин на Светското атлетско првенство во сала во 2028 година, објави денеска претседателот на Светската атлетска федерација Себастијан Коу.
„Светската атлетика денеска ги додели следните две изданија на Светското првенство во сала на Одиша во Индија, 2028, и на Астана во Казахстан во 2030 година“, изјави Коу во пресрет на отворањето на Светското првенство во полскиот град Торун.
Изборот на сојузната држава Одиша, во источна Индија, е почит кон најнаселената земја во светот со 1,42 милијарди жители, која прв пат ќе биде домаќин на голем светски атлетски настан.
Паралелно со ова, градот Амдавад, познат и како Ахмедабад, кој се наоѓа во сојузната држава Гуџарат и е матична држава на индискиот премиер Нарендра Моди, е потврден како град домаќин на Игрите на Комонвелтот во 2030 година.
Двата атлетски настани би можеле да послужат како појдовна точка за кандидатурата на Индија за домаќин на Летните олимписки игри во 2036 година. ег
ФОТО: Архива