• сабота, 28 декември 2024

Индија одвои 22,6 милијарди долари за помош на погодените граѓани од коронавирусот

Индија одвои 22,6 милијарди долари за помош на погодените граѓани од коронавирусот
Њу Делхи, 26 март 2020 (МИА) – Индиските власти денеска најавија пакет помош, вреден 22,6 милијарди долари, за граѓаните кои се најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот и мерките за изолација на земјата, воведени со цел да се спречи ширењето на вирусот. Министерката за финансии, Нирмала Ситараман изјави дека со овој финансиски пакет Владата на Индија ќе се погрижи за благосостојбата на сиромашните работници и на оние кои им е потребна итна помош. Пакетот вклучува здравствено осигурување во износ од 66.400 долари по лице за околу два милиони лица ангажирани во првите борбени редови со пандемијата, како што се медицинските работници и вработените во санитарните служби, како и други лица вработени во јавното здравство. Осумстотини милиони луѓе или речиси две третини од вкупниот број жители на Индија, исто така, секој месец бесплатно ќе добиваат по пет килограми ориз или пченица во наредните три месеци. - Не сакаме никој да биде гладен, изјави Ситараман. Мерките за помош вклучуваат и забрзани субвенции и придобивки за земјоделците, градежните работници, самохрани мајки и лица со инвалидитет, како и зголемена минимална плата. Со одлука на премиерот Нарендра Моди, Индија стана речиси целосно блокирана земја во траење од 21 ден, а со работа продолжуваат само основните услуги, здравството и продавници за овошје и зеленчук. ки/гт/

Остани поврзан