• среда, 27 ноември 2024

Инвазијата врз Украина го подели православието и го изолираше рускиот патријарх Кирил

Инвазијата врз Украина го подели православието и го изолираше рускиот патријарх Кирил
16 март 2022 Ројтерс, Лондон Целосниот благослов на рускиот патријарх Кирил за руската инвазија на Украина, предизвика расцеп на православните цркви и покрена внатрешен бунт, за што експерти тврдат дека е без преседан, пишува Ројтерс. Седумдесет и петгодишниот Кирил, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, ја гледа војната како бедем против Западот, кој го смета за декадентен, особено поради прифаќањето на хомосексуалноста. Тој и Путин ја делат визијата за „Руски свет“, поврзувајќи ги наводното духовно единство и територијалната експанзија кон деловите на поранешниот Советски сојуз, изјавија експерти за Ројтерс. Тоа што Путин го гледа како политичка обнова, Кирил го гледа како крстоносна војна. Но, патријархот предизвика реакција и дома, како и меѓу црквите во странство, што се поврзани со Московската патријаршија. Во Русија, речиси 300 православни членови на групата со име Руски свештеници за мир, потпишаа писмо, во кое се осудуваат „убиствените наредби“ извршени во Украина. „Украинскиот народ треба да одлучи сам, без притисок од Западот или од Истокот, а не под закана со оружје“, се наведува во писмото. Од 260 милиони православни христијани во светот, околу 100 милиони живеат во Русија, а дел од верниците во странство се припадници на руската Православна црква. Меѓутоа, војната ги влоши односите. Нема молитва за патријархот Свештениците на амстердамската парохија Свети Никола престанаа да го спомнуваат Кирил на миса. Рускиот епископ во западна Европа ги посети со цел да влијае на нивната одлука, но парохијата ги прекина врските со Московската патријаршија, истакнувајќи дека одлуката била „тежок чекор“. - Кирил едноставно ја дискредитираше Црквата, изјави украинскиот грчко-католички пречесен Тарас Хомух, виш предавач по теологија на Универзитетот Хоуп во Ливерпул. Тој, во телефонското интервју за Ројтерс, појасни дека „многу луѓе сакаат да проговорат во Русија, но, се плашат“. Во Украина има околу 30 милиони православни лица, поделени на три цркви, а две се најважни, автокефалната Украинска православна црква и Украинската православна црква на Московската патријаршија. Руската православна црква ја смета Украина е значително важна, бидејќи е лулка на Киевска Рус, средновековна држава, чиј владетел Володимир/Владимир го примил христијанството од византиските православни мисионери. На наследство од државата, се повикуваат и Украина и Русија. Киевскиот митрополит Онуфриј Березовски го повика Путин „веднаш да ја прекине братоубиствената војна“, додека друг митрополит од истата црква, потчинета на Москва, Евологиј од источниот град Суми, ги повика своите свештеници да престанат да се молат за Кирил. Кирил, кој тврди дека Украина е составен дел од неговата духовна јурисдикција, веќе ги прекина врските со Вартоломеј, истанбулскиот вселенски патријарх, кој делува како прв меѓу еднаквите во православниот свет, а ја призна автокефалната Украинска православна црква. - Некои цркви толку му се лути на Кирил поради неговиот став за војната, што се соочуваме со пресврт во светското православие, изјави за Ројтерс, Тамара Грџелиџе, професорка по религиски студии на грузискиот државен универзитет Илија и поранешна грузиска амбасадорка во Ватикан. Во заедничка изјава, православни теолози од институции како Центарот за православни христијански студии на универзитетот Фордам во Њујорк, како и Академијата за теолошки студии Волос во Грција, ги осудија оние црковни водичи кои „ги насочуваат своите заедници да се молат на начини што активно поттикнуваат непријателство“. Меѓу другите православни великодостојници, војната беше критикувана од патријархот Александриски и целата Африка Теодор II, романскиот патријарх Даниел, како и финскиот архиепископ Лав. Раскол со другите христијани Ставот на Кирил, исто така, создаде амбис меѓу Руската православна црква и другите христијански цркви. Вршителот на должноста генерален секретар на Светскиот совет на црквите, свештеникот Иан Саука, побара од Кирил „да интервенира и да посредува кај властите за да се запре оваа војна“. Кирил одговори дека „силите што отворено ја сметаат Русија за свој непријател, се приближиле кон нејзините граници“, како и дека Западот бил вклучен во „геополитичка стратегија од големи размери“ со цел да ја намали силата на Русија. По Октомвриската револуција од 1917 година, болшевиците започнаа со ликвидација на Руската православна црква. Сталин ја обновил по инвазијата на Хитлер на Советскиот Сојуз за да го подигне моралот на населението. - Сега Путин ја оживува истата идеја, смета Американката со украинско потекло, Оленка Певнју, професорка по славистика и украински студии на Кембриџ. Таа, во телефонско интервју за Ројтерс, додала: - Како руската позиција во светот и рускиот идентитет почнаа да слабеат, Путин уште еднаш ја ангажираше Црквата да му помогне да го собере рускиот народ под своја контрола и се обиде да ги поврзе народите на независни држави како Украина, со Русија, со наметнување на единствена Руска православна црква, што ќе негира каква било верска различност. Ставот на Кирил ги промени односите и со Ватикан. Франциск во 2016 година стана прв папа кој се сретнал со водачот на Руската православна црква по Големиот раскол, што го подели христијанството на источен и западен огранок во 1054 година. Според експерти, другиот состанок, што го посакуваа оваа година и Франциск и Кирил, сега е речиси невозможно да се реализира.бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан