• среда, 25 декември 2024

Имран Кан ќе остане во пакистанскиот затвор Аток уште две недели и покрај одобрената кауција од судот

Имран Кан ќе остане во пакистанскиот затвор Аток уште две недели и покрај одобрената кауција од судот

Исламабад, 30 август 2023 (МИА) - Поранешниот пакистански премиер Имран Кан ќе остане во затвор уште најмалку две недели и покрај тоа што судот му одобри кауција, откако денеска судот за борба против тероризмот му го продолжи притворот за случајот за одавање службена тајна, изјави неговиот адвокат.

-Судот за борба против тероризмот одлуката ја објави по краткото сослушување зад затворени врати, одржано во затворот Аток, во источната провинција Пенџаб, кажа адвокатот Интазар Хусаин Панџута.

Следното судско рочиште ќе се одржи на 2 септември, додаде тој.

Другиот адвокат на Кан, Салман Сафдар, на новинарите им кажа дека и за овој случај ќе поднесе барање до судот за кауција за Кан. Тој додаде дека го оспорува затворањето и судењето на Кан бидејќи тоа било „нелогично и неуставно“.

Најновиот развој на настаните беше удар за Кан и неговиот правен тим, кои го очекуваа неговото ослободување, откако Апелацискиот суд ја суспендираше неговата пресуда за корупција и тригодишната затворска казна.

Од неговото соборување со гласање недоверба во пакистанскиот Парламент, во април 2022 година, поранешниот премиер е вмешан во повеќе од 150 судски случаи. 

Кан рече дека неговото отстранување од функцијата беше заговор на САД, неговиот наследник Шахбаз Шариф и пакистанската војска, наводи кои тие ги негираат.

Федералната истражна агенција почна судски процес против него во август под обвинение за „откривање официјален таен документ“, со кој Кан мавташе на политички митинг во Исламабад по неговото соборување. Во своите телевизиски обраќања, Кан постојано го опишуваше документот како доказ за американски заговор против него.

Владата не го објави документот, што е дипломатска кореспонденција меѓу пакистанскиот амбасадор во Вашингтон и Министерството за надворешни работи во Исламабад. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан