• сабота, 23 ноември 2024

Имран Кан го номинираше Омар Ајуб за кандидат за нов премиер на Пакистан

Имран Кан го номинираше Омар Ајуб за кандидат за нов премиер на Пакистан

Исламабад, 15 февруари 2024 (МИА) - Асад Кајзер, помошник на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, денеска изјави дека поранешниот лидер, кој моментално е во затвор, го номинирал Омар Ајуб Кан за кандидат за избор на нов премиер по минатонеделните национални избори.

Никој не освои јасно мнозинство на изборите, но независните кандидати поддржани од Кан освоија 92 од 264 места, што ги прави најголемата група. Кан ги отфрли сојузите со трите најголеми партии, што значи дека неговиот кандидат моментално нема доволно места за формирање влада.

-Умар Ајуб ќе биде нашиот кандидат за премиерските избори, тој е номиниран од Имран Кан, изјави Кајзер, висок лидер на пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) на Кан, на новинарите по средбата со поранешниот премиер во затвор. Кајзер рече дека ПТИ ќе контактира со други партии за да ја поддржи кандидатурата на Ајуб. Противниците на Кан веќе најавија сојуз за формирање малцинска влада.

Неговите поддржувачи се кандидираа како независни кандидати, бидејќи изборната комисија им забрани од технички причини да учествуваат на изборите под изборниот симбол на неговата партија.

И покрај забраната и затворањето на Кан по обвиненија од објавување државни тајни до корупција, милиони поддржувачи на поранешниот премиер излегоа да гласаат за него, иако тој не може да биде дел од ниту една влада додека е во затвор. Ајуб моментално се крие и полицијата го бара поради наводите за негова вмешаност во немирите што следеа по апсењето на Имран Кан. Тој се натпреваруваше и освои пратенички мандат на изборите и покрај неговото отсуство од кампањата. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан