• недела, 24 ноември 2024

Импичментот за Макрон влезе во парламентарна процедура - за експремиерот Атал тоа е објавување војна на француските институции

Импичментот за Макрон влезе во парламентарна процедура - за експремиерот Атал тоа е објавување војна на француските институции

Париз, 17 септември 2024 (МИА) - Предлогот поднесен од екстремната левичарска партија „Непокорна Франција“ (ЛФИ) за импичмент на францускиот претседател Емануел Макрон влезе во собраниска процедура, објави денеска парискиот весник „Ла Паризиен“.

Предлогот претпладнево го мина првиот круг од собраниската проверка, со 12 пратенички гласа „за“ во 22-члената комисија.

Сојузниците на ЛФИ, вклучително и пратеници од Социјалистичката партија, изјавија дека нема да гласаат за импичмент на францускиот претседател.

Предлогот на „Непокорна Франција“ досега собра поддршка од повеќе од 80 пратеници.

За предлогот да се најде на дневен ред на француското Собрание потребна е поддршка од две третини од пратениците.

Ако до тоа и дојде, тогаш нацрт-законот се префрла во Сенатот, каде што две третини од сенаторите, исто така, мора да гласаат за.

 За време на Петтата република ниту еден актуелен француски претседател не е отповикан, иако предлогот за импичмент на Франсоа Оланд, предложен од пратениците од десницата во 2016 година, стигна до собранието.

„Непокорна Франција“, во текст во неделникот „Трибјун Диманш“ го обвини Макрон за „институционален удар против демократијата“, бидејќи одбил да ги прифати резултатите од парламентарните избори одржани во јули.

Во текстот од партијата посочуваат дека Макрон „мора да знае дека ќе се употребат сите уставни средства за негово отстранување од функцијата“.

Поранешниот француски премиер Габриел Атал денеска изјави дека предлогот за отповикување на претседателот Емануел Макрон е објава на војна против француските институции и дека не знае дали е тоа „фарса или трагедија“.

-Фарса, бидејќи дури и оние кои ќе гласаат за расправата за овој предлог признаваат дека е гротескна, неоснована и нема шанси да победи. Овој предлог и оваа дебата се објавување војна на нашите институции. Желба е да се дестабилизира не еден човек, туку Републиката, со залудни и срамни аргументи, рече Атал.

 Тој додаде дека предлогот за импичмент на претседателот ја „крши“ Франција, во време кога таа треба да биде обединета.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан