• недела, 24 ноември 2024

„Има решение“ кампања на Министерството за правда за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите

„Има решение“ кампања на Министерството за правда за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - Под слоганот „Има решение“, министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска ја најави кампањата за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и за подигнување на свеста на граѓаните за придобивките од нејзината примена. Како што посочи Маричиќ, оваа кампања, која е дел од Стратегијата за реформи во правосудството, е од јавен интерес со цел афирмација на медијацијата, подобро запознавање на граѓаните со текот на постапката и овој начин решавање на споровите. - Алтернативно решавање на спорови преку медијација е голем чекор напред, не само во насока на забрзување и ефикасност на решавањетo на споровите, туку во насока на помодерно решавање на споровите генерално, истакна министерот на денешната прес-конференција по повод најавување на кампањата. Според него, од решавањето на споровите по пат на преговори корист имаат не само поединците, туку и правниот систем и општеството во целост. - Со користење на медијацијата како инструмент за решавање на споровите се намалува бројот на судски предмети и се отвора простор судовите уште поефикасно и ефективно да ја извршуваат својата функција, притоа, имајќи ист ефект како и одлуките на судовите, рече тој. И покрај фактот што медијацијата кај нас е присутна 15 години, министерот сподели дека поголем дел од граѓаните не се запознаени со природата на медијацијата, или, пак со позитивните ефекти на ваквиот начин на решавање на споровите. - По инерција веднаш започнуваат постапка пред суд, не знаејќи дека овој начин на вонсудско решавање на спорови е поедноставен, трае пократко, чини помалку, доверлив е и без негативни ефекти, наведе Маричиќ. Кампањата во себе вклучува промотивни видео-спотови, рекламни банери и веб-страница која ќе биде промовирана во почетокот на следниот месец, на која граѓаните ќе можат да се информираат за текот и постапката на медијацијата, но, и лесно да го изберат својот лиценциран медијатор. Во однос на досегашните ефекти од медијацијата, Маричиќ истакна дека таа не е лек за сите слабости во правосудниот систем, но, треба да се има предвид дека може да се стави крај на 50-70 проценти од споровите. - Лиценцираните медијатори, заклучно со 2021 година прикажаа внес на скоро 3 500 предмети во регистарот за евиденција на постапките за медијација во МП од кои 1 730 завршиле со спогодба, сподели тој. За целосна примена на овој ефективен метод на решавање на спорови и негово заживување, како што рече, „потребно е вклучување на сите релевантни актери, претставници на правната фела, граѓанскиот сектор, стопанските комори, институциите, судовите, обвинителствата, и, се разбира, медиумите“. Славе Младеновски, член на работната група за подготовка на Законот за медијација, истакна дека со примена на Законот за медијација се надева и очекува дека Северна Македонија и македонското општество ќе покаже резултати во медијацијата како во изминатиот период и, како што рече „ќе бидеме најподобри од најдобрите земји во Европа во примената на медијацијата“. - Четириесет и шест медијатори за четири години веќе се на патот да стигнат до четири илјади предмети од медијација. Можам да кажам дека со почетокот на оваа кампања ние само ќе го зголемуваме бројот и во интерес на македонското општество, пред сè бизнис заедницата од јавниот и приватниот сектор, како и од другите области, ќе постигнеме всушност македонското општество да биде помалку кофликтно и предметите, односно споровите, да се решаваат на ваков начин, истакна Младеновски. ар/дма/                

Остани поврзан