• сабота, 23 ноември 2024

ИМА: Политичарите и медиумите да престанат да шират говор на омраза поради искажан став за преговарачката рамка

ИМА: Политичарите и медиумите да престанат да шират говор на омраза поради искажан став за преговарачката рамка
Скопје, 7 јули 2022
Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје го осудува говорот на омраза што предизвикува насилство, ја загрозува слободата на изразување и оневозможува да се развие критичка и аргументирана дебата во однос на предложените документи од ЕУ за започнување на пристапни преговори.
Со жалење констатираме дека не само политичари, туку и новинари и медиуми се извори на говор на омраза по повеќе основи, на етикетирање и јавни осуди на неистомисленици поради искажан став во врска со преговарачката рамка и другите документи.
Говорот кој поттикнува омраза врз етничка, политичка, родова или други основи прави огромна штета во јавната комуникација, ја спречува критичката дебата и ги повредува човековите права на лицата кои се напаѓаат со говор на омраза, етикети, па дури и пцовки, заради искажан личен став.
ИМА ги повикува политичарите и новинарите да престанат да шират говор на омраза и најостро да го осудат, затоа што тоа е нивна обврска;
ИМА ги повикува политичарите, новинарите и сите учесници во јавната дебата да престанат да шират флагрантни дезинформации и да креваат јавна паника во текот на јавната расправа за предлозите од страна на ЕУ;
ИМА ги повикува надлежните институции да преземат мерки за спречување и казнување на говорот на омраза кој предизвикува насилство;
ИМА ги повикува надлежните институции да ја информираат јавноста за секој аспект од почетокот на преговорите и да преземат итни мерки за идентификување и разобличување на дезинформирачките наративи кои го зајакнуваат говорот на омраза кој поттикнува насилство.
ИМА упатува апел до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од говор на омраза, вклучително и на социјалните мрежи, затоа што слободата на изразување не подразбира повреда на достоинството, безбедноста, еднаквоста и другите човекови права на учесниците во јавната комуникација и јавната дебата.
ИМА мониторира, документира, истражува и анализира повеќе случаи на говор на омраза и дезинформации во овој период, за што ќе изготви и објави посебна анализа.
Институтот за медиуми и аналитика ИМА
___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан