• четврток, 26 декември 2024

Имаме помалку судии, а повеќе завршени предмети, велат од Кривичен суд

Имаме помалку судии, а повеќе завршени предмети, велат од Кривичен суд

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) – Основниот кривичен суд во Скопје во 2022 година има решено над 107 илјади судски предмети, што е рекорден број во последните 50 години, но напливот од околу 110 илјади нови предмети резултира со минус од околу две илјади предмети, на што се должи и оценката „неажурен“ на Судскиот совет.

Од Кривичен, на денешниот брифинг со медиуми, посочуваат дека во 2021 година имале 104 илјади завршени предмети и оценка ажурни, а сега со повеќе решение предмети и помалку судии се оценети како неажурен суд во Извештајот за работата на судовите во 2022 година.

-        - Сега имаме помалку судии, а повеќе завршени предмети. Треба да има 75 судии, а во моментот има 46 судии, нагласуваат од Кривичен суд.

Во однос на довербата на граѓаните во судовите, од Кривичен, велат дека на тоа може да се гледа и од аспект на тоа дека, доколку се зголемува бројот на предмети, значи дека сепак граѓаните имаат доверба во работата на судовите.

На брифингот во Кривичен, не сакаа да коментираат за последната ранг листа на Академијата за судии и јавни обвинители, посочувајќи дека треба да се види кој од нив ќе биде избран за судија и дека „треба да се вреднува квалитетот“.

-         -  Се надеваме дека тоа ќе биде стручен, добар кадар и ќе помогне во работата и ажурноста на судот. Судски совет прави анализи и се доделуваат нови судии врз основа на потребите. Нас, ни се потребни поголем број судии. Во периодот наназад се намали бројот на судии, а се зголеми приливот на предмети по кои постапуваме. Оваа година во најава има неколку судии кои ќе заминат во пензија. Така, сметаме дека бројката треба да се движи од пет па нагоре, посочуваат од Кривичен. аа/нд/

 

     Фото: МИА архива

Остани поврзан