• недела, 24 ноември 2024

Имаме национален план на хартија, но не и фокус во справувањето со климатските промени

Имаме национален план на хартија, но не и фокус во справувањето со климатските промени
Скопје, 31 март 2021 (МИА) - Институциите во однос на изминатите неколку години повеќе вложуваат во изработка на легислатива за климатските промени, но потребна е и поголема транспарентност на институциите и вклученост на граѓанските организации, заклучи Ана Чоловиќ-Лешоска, директор на „Еко-свест“ на денешната дискусија на тема „Визија и цели за справување со промените во климата 2030/2050“, во рамките на Националната конференција за клима. Според Елена Николовска од „Еко-свест“ праведната транзиција треба да започне во регионите со јаглен и треба да се води од локално кон национално ниво. Тоа, како што вели таа, ќе каже дали сме навистина подготвени за зголемена климатска амбиција. - Најголем дел од емисиите на стакленички гасови во нашата земја доаѓаат од енергетскиот сектор, додека секторот транспорт и секторот отпад се со најбрзорастечки емисии во земјата. Во јануари минатата година Владата ја одобри Енергетската стратетија 2020-2040, кога беа вклучени и граѓанските организации. Јагленот како енергенс треба да се напушти до 2023 во ТЕЦ „Осломеј“ и 2025-28 во РЕК „Битола“. За жал, во политиките за климатска акција недостасува долгорочна цел за намалување на емисиите, вели Николовска. На онлјан дискусијата учествуваше и Давиде Сабадин, од Европско биро за животна средина, една од најголемите еколошки организации што обединува 160 граѓански организации од Европа насочена кон политичките дијалози. - Ние третираме глобални прашања, клима, енергија, циркуларна економија, индустриско загадување, а нашата визија е предводена од научни докази. Со Парискиот договор се обврзавме дека глобалната температура мора да се одржува да не порасне повеќе од 1,5 степени Целзиусови. Со цел да се постигнат овие резултати треба забрзано да ги намалуваме глобалните емисии. И покрај Ковид-19, концентрацијата е сѐ уште голема и мора да ги смениме нашите активности побрзо, истакна Сабадин, додавајќи дека гасот не е одговор, туку е проблем. На дискусијата исто така беше заклучено дека Законот за клима на ЕУ вели дека треба најмалку 55 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови на ниво на Унијата, што нема да биде доволно. - Мора да се декарбонизираат фабриките за челик во Европа. Секоја енергија од обновливи извори треба да биде промовирана. Нема транзициско гориво, или сте дел од проблемот или сте дел од решението. Природниот гас го сметавме за иднина, но тоа беше во минатото, не и денес. Промената не треба да дојде на трошок на најранливите делови на општеството, треба да се осигураме дека луѓето ќе можат да ја направат промената, а нема да биде голем трошок за самото семејство. Гасот не треба да биде во нашите домови. Потребни се 20-30 години за да се исплати инвестицијата за гасна инфраструктура, а ние толку време немаме. Подобро е да се фокусираме на други технолошки решенија - соларно-термални или грејни пумпи за грееење на просторот, на пример. Тие имаат поголем трошок на почетокот, но сега има многу јавни европски средства, за луѓето да не морат да купуваат гас. Фотоволтаиции, топлотни пумпи исто така ги намалуваат сметките за струја – рече Сабадин. Виктор Беришај, кој е дел од големата мрежа Climate Action Network-Europe смета дека токму најголемите земји кои емитираат стакленички гасови како Кина, САД, Индија, треба да се поамбициозни во справувањето со овој проблем. - Тие сепак својата успешност ја мерат според нивниот БДП, а не според тоа што направиле за екологијата, додаде Беришај. Според учесниците на дискусијта термоелектраните се проблем за многу земји од ЕУ. Засега 50 отсто од нив се затворени, на половина пат сме да ги затвориме останатите, а прва и најважна поента е дека не треба да се развиваат нови проекти со јаглен, како и дека шумарскиот сектор ќе има клучна улога за идните политики, се согласија учесниците на дебатата. - Последните истражувања се дека шумите апсорбираат 30 отсто од емисиите на јаглерод диоксид и шумите за нас имаат огромно значење, потенцира асистент м-р Владимир Стојановски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и еко-инженеринг „Ханс Ем“ од Скопје. Беше оценето и дека не треба да се форсираат личните интереси и најголемиот загадувач да добива државна субвенција. - Шумите не можат да бидат алиби за другите работи. Пошумувањето мора да дојде како дополнителна активност, а не како замена на кратењето на емисиите на Јаглерод диоксид. Шумите не треба да бидат оправдание на другите сектори, се надоврза Сабадин. Националната конференција за клима е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“, што заедно го реализират „Еко-свест“, „CNVP“ и Движењето на еколозите на Македонија. свс/сп/

Остани поврзан