• вторник, 26 ноември 2024

Илјадници љубители на јапонска култура присустуваа на второто издание на фестивалот Нихон-џи

Илјадници љубители на јапонска култура присустуваа на второто издание на фестивалот Нихон-џи

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Илјадници љубители на јапонската култура викендов присуствуваа на фестивалот Нихон-џи 2.0, со кој неформалната организација Japan@mk веќе втора година по ред ја доближува Јапонија поблиску до локалната публика.

Второто издание на Нихон-џи Фестивалот на јапонска култура, именувано „Неонски бранови“, се одржа во саботата, на 27 мај, а целодневниот настан беше свечено отворен со говор и музички перформанс со класична гитара на јапонскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Оцука Казуја.

Овој фестивал е креиран од заедницата за заедницата и неговото остварување е овозможено од сите поддржувачи на јапонската култура. Следната година е триесет годишнината од дипломатските односи помеѓу двете земји и гледајќи ја заинтересираноста верувам дека ќе имаме година исполнета со уште повеќе културни настани. Сите култури се драгоцени и сите може да научиме нешто едни од други. Културата е духот на општетството и е од неизмерна важност за градење на здрава заедница, изјави амбасадорот.

Фестивалската програма и оваа година понудила разновидна содржина. Публиката имаше можност да проследи три панел дискусии на значајни теми, вклучително „Зошто Јапонците го користат Ganbatte? - Каизен концептот за постојано подобрување“, „Лекции од Јапонија - Миксот на традиција и технологија како вистински рецепт за унапредување на општеството“, и „Ghost in the shell, што значи да се поседуваш себеси?“. 

Беа прикажани и три филмови, меѓу кои и краткометражниот филм „Oyasumi baby“, „Џиро сонува за суши“ и анимето „Ghost in the shell”.

На фестивалот имаше и презентација на боречки вештини. Се претставија седум различни доџоа и тоа Македонската Аикидо Федерација со аикидо, ЈКА Македонија и Bushido Dojo со карате, Bushido school Yamamori со шуготенши каратедо, Mioki Клуб со Џудо, The Strongest Macedonia со Бразилско џиуџитсу, Пат кон мирот аикидо клуб со аикидо и Aikido Klub Hoshi со аикидо.

Беше прикажана двојна уметничка изложба, од која првата беше посветена на реномирани македонски уметници, меѓу кои Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Жарко Башески, Љупка Делева, Златко Крстевски, Дејан Спасовиќ и Доротеј Нешоски, додека пак на втората се претставија млади уметници и креативци кои изложија дела креирани според дадена тема. За оваа група уметници, селектор беше Беди Ибрахим - македонски вајар, сликар, сценограф и универзитетски професор на ФЛУ, Скопје.

Фестивалот и оваа година беше збогатен со презентација на модни креации инспирирани од Јапонија. Беа изложени креации од Нела Тодоровска - Маригуча, која се претстави со колекција со футуристички елементи инспирирани од Јапонскиот авангарден стил, а нејзините студенти од Технолошкиот факултет во насоката Текстил, дизајн и моделирање, ставија фокус на самоодржливоста преку деконструкција на јапонската улична мода користејќи рециклирана македонска облека.

Дизајнерката Силвија Алшар се претстави со колекција инспирирана од филмската франшиза „Војна на ѕвездите“ и особените карактеристики на јапонската традиционална облека, додека пак Роберт Ивановски прикажа своја оригинална машка колекција директно инспирирана од јапонските традиционални боречки облеки - кендоги и хакама.

Љубителите на поезијата имаа можност да уживаат во хаику перформанс на македонски хаику поети, меѓу кои Владимир Мартиновски, Николина Андова, Искра Донева, Дејан Василевски и Александар Маџаровски, а јапонската традиционална култура беше уште повеќе доближена преку работилниците и презентациите за оригами и калиграфија заедно со Чие Нагашима, Јуко Сакагучи, Мила Симоска и Кирил Петровски.

Дополнително публиката имаше можност да ужива и во презентации кои ги опфатија поп-културата и високата технолошка развиеност во Јапонија преку прзентациите за Аутомата со Елена Трајкоска-Бојаџиска, Роботика со Сивус Центарот за Едукација и Развој, Косплеј со Ива Стојческа и Манга со Ристо Манасиев.

Еден од најатрактивните сегменти на фестивалот беше гејминг хабот, каде се одржаа два турнири во видео игри, од кои „Guilty Gear -Strive“ во организација на Red Fist Dojo и овозможен од Македонската еСпорт Федерација, и „sNES Dragonball Z Hyper Dimension“ овозможен од Божиновски Часовници и Накит. Се одржа и турнир во игри со карти „Yu-Gi-Oh“ во организација на Гоблин друштвени игри. 

Се одржа и дебата на тема „Attack on Titan” - The rumbling е најдобрата одлука за спас на елдијанската раса!, предводена од членовите на дебатниот клуб МОФ од Делчево, а за дополнителна рекреација, волонтерите на фестивалот организираа Аниме квиз.

Настанот беше дополнително збогатен и со музичка програма, и публиката имаше можност да ужива во музиката на колективот Maborosi, составен од Ају Саита (вокали), Јордан Костов (хармоника, пијано) и Саша Саита (перкусии, гитара) и Андреа Мирческа (контрабас) и адреналинскиот електронски сет на скопскиот диџеј Andreas Hz, кој е препознатлива и активна фигура во клупската музичка индустрија со кој се затвори второто успешно издание на Нихон-џи фестивалот за јапонска култура. ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан