• среда, 25 декември 2024

Илјадници млади луѓе во Кенија демонстрираат против најавеното воведување нови даноци

Илјадници млади луѓе во Кенија демонстрираат против најавеното воведување нови даноци

Најроби, 20 јуни 2024 (МИА) - Илјадници претежно млади луѓе демонстрираа денеска во главниот град на Кенија, Најроби, против најавеното воведување на нови даноци од страна на претседателот на таа земја, Вилијам Руто.

Демонстрантите го блокираа централниот деловен кварт на Најроби, а полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите кои маршираа кон зградата на парламентот, каде што пратениците расправаат за нов закон. Демонстрантите се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон за да пристапат до зградите на парламентот, носејќи антивладини плакати и скандирајќи против Руто.

Демонстрантите, кои протестираат веќе трети ден, бараат пратениците да гласаат против законот, кој се очекува негативно да влијае на платите на Кенијците, претприемачите и потрошувачите. Тие велат дека Руто го прекршил ветувањето дека ќе ги намали даноците и ќе ги намали трошоците за живот.

Новите даноци ќе вклучуваат 2,75 проценти на заработката за националниот план за здравствено осигурување, како и зголемени даноци за растително масло и гориво, што ќе ги зголеми трошоците за производство.

Предлозите за воведување данок на додадена вредност од 16 отсто на лебот и нов годишен данок на моторни возила беа отстранети од предлог-законот во вторникот по средбата меѓу Руто и членовите на владејачката партија, но оние што демонстрираа денеска рекоа дека амандманите не се целосно отфрлени и сакаат пратениците тоа да го направат. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан