• сабота, 23 ноември 2024

Илјадници лекари во Словачка дадоа отказ поради лошите услови за работа

Илјадници лекари во Словачка дадоа отказ поради лошите услови за работа

Братислава, 29 октомври 2024 (МИА) – Повеќе од 2.700 болнички лекари масовно поднесоа оставки како дел од организираниот протест поради условите за работа, пренесе ДПА.

Синдикатот на лекарите ЛОЗ соопшти дека ова претставува повеќе од половина од болничките лекари во земјата.

Тие се подготвени да ги повлечат оставките само доколку Владата исполни голем број барања кои вклучуваат нова болничка опрема и ангажирање дополнителен персонал.

Досега не е постигнат договор со новиот словачки министер за здравство Ќамил Шашко.

- Очигледно, единствениот начин да се постигне нешто во словачкиот здравствен систем е да се поднесе оставка, изјави претседателот на ЛОЗ, Петер Висолајски.

Претходничката на Шашко, Зузана Долинкова, поднесе оставка на почетокот на октомври, велејќи дека владата не прави доволно за да ја поддржи во зајакнувањето на финансиски изгладнетиот здравствен систем.

Најважниот поттик за масовната оставка, за која лекарите се закануваа со месеци, беше програмата за штедење објавена летото од страна на трипартиската влада под левичарскиот националистички премиер Роберт Фицо.

Со неа се предвидува делумно повлекување на ветените покачувања на платите за лекарите и медицинските сестри. Планот на владата да ги претвори болниците во акционерски друштва предизвика особено негодување кај синдикатот на лекари.

Претставниците на лекарите стравуваат дека ова е чекор кон приватизација на болниците. јт/

 

Остани поврзан