• среда, 25 декември 2024

Илјадници Израелци во Тел Авив бараа заминување на Нетанјаху - тој војува само за да остане на власт

Илјадници Израелци во Тел Авив бараа заминување на Нетанјаху - тој војува само за да остане на власт

Тел Авив, 21 јануари 2024 (МИА) - Илјадници Израелци демонстрираа синоќа во Тел Авив барајќи ослободување на заложниците, кои Хамас ги држи од 7 октомври во Појасот Газа, и барајќи заминување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кого го обвинуваат за продолжување на војната само за тој да остане на власт.

Демонстрантите носеа натписи со кои посочија дека Нетанјаху е „Лицето на злото“ и затоа бараат „Избори сега“.

Од околу 250 киднапирани лица, околу сто беа ослободени за време на прекинот на огнот на крајот на ноември, а 132 се уште се во Газа. Меѓу нив, 27 загинаа, пренесуваат француските медиуми врз основа на израелски податоци.

-Како што работите се развиваат, сите заложници ќе умрат. Се уште не е доцна да ги ослободиме, изјави синоќа Ави Лулу Шамриз, татко на еден од заложниците убиени во Газа.

За време на синоќешниот брифинг портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, кажа дека неговите војници пронашле тунел во Кан Јунис (јужна Газа) со „докази кои потврдуваат присуство на заложници“, вклучително и цртежи направени од петгодишно дете држено таму.

-Околу дваесет заложници беа заклучени во тунелите во различни периоди, во тешки услови, без дневна светлина (...) со малку кислород и страшна влажност, рече Хагари.

Премиерот Нетанјаху сака да ја продолжи војната додека Хамас не биде „елиминиран“.

-Сите во земјата, со исклучок на неговата токсична коалиција, знаат дека неговите одлуки не се донесени за доброто на земјата, дека тој само се обидува да остане на власт,синоќа   критикуваше Јаир Кац (69). „Сите сакаме тој да поднесе оставка“.

„Нашата земја ја водат криминалци кои немаат апсолутно никаков интерес за граѓаните“, рече Боаз Садех (46). „Тие не прават ништо за да ги ослободат заложниците“, додаде тој.

Во Ерусалим, исто така, синоќа се собраа околу 250 луѓе пред резиденцијата на премиерот, носејќи цвеќиња и фотографии од заложниците.

Шефот на израелската влада од 1996 до 1999 година, потоа од 2009 до 2021 година, Бенјамин Нетанјаху се врати на функцијата од изборите во 2022 година, откако формираше коалиција со ултраортодоксни и екстремно десничарски еврејски партии. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан