• недела, 24 ноември 2024

ИЛО: Приближно 828.000 луѓе во Турција и во Сирија изгубија работа по земјотресите

ИЛО: Приближно 828.000 луѓе во Турција и во Сирија изгубија работа по земјотресите

Женева, 28 март 2023 (МИА) - Околу 828.000 работници останаа без работа по серијата земјотреси што во февруари ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија, објави денеска Меѓународната организација на трудот (ИЛО).

Првите податоци покажуваат дека земјотресите во Турција доведоа до намалување на работната активност и оти околу 658.000 луѓе се без работа или приход, според процената на ИЛО.

Во Сирија, каде веќе 12 години трае граѓанска војна, што нанесе големи штети на економијата и на пазарот на трудот, околу 170.000 работници останаа без работа поради земјотресите.

Без итна и насочена помош, сиромаштијата, неформалното вработување и детскиот труд веројатно ќе се зголемат, предупреди ИЛО, додавајќи дека отворањето работни места е од суштинско значење за „ефективен и инклузивен одговор“ на катастрофата.

Меѓународните донатори на конференцијата во Брисел минатата недела ветија дека ќе обезбедат седум милијарди евра помош за населението на Турција и на Сирија погодени од земјотресот на 6 февруари, при што загинаа повеќе од 56.000 луѓе и предизвика штета, што се проценува на повеќе од 100 милијарди евра. ми/

Остани поврзан