• вторник, 24 декември 2024

Илиоски за МИА од Атина: Финалето беше тешко, но сепак победив

Илиоски за МИА од Атина: Финалето беше тешко, но сепак победив

Атина, 8 ноември 2024 (МИА) – Финалето беше тешко, противникот беше физички силен, но јас бев смирен и победив, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски кусо откако го заврши финалниот меч на Европското сениорско првенство на кое освои златен медал и ја одбрани европската титула од пред две години.

Непосредно пред почетокот на натпреварите во Атина, македонскиот кикбоксер за МИА изрази надеж но и оптимизам дека ќе ја одбрани титулата, а сега не го крие задоволството и посочува дека се покажува дека вределе напорните подготовки од изминатите два-три месеци пред првенството.

- Секоја борба си има своја тежина, но не сакам да дозволам некоја негативна емоција или мисла да влегува во мене, размислував само на победа и тоа и се исполни, истакна Илиоски во однос на натпреварите што во изминатите денови ги имаше во Атина.

По Европското првенство во Грција, вели дека сака (заслужено) да се одмори, а потоа ќе продолжи со подготовки за натпреварите во иднина.

Во финалето во категоријата лоу кик до 86 килограми, Илиоски попладнево со 2-1 го совлада полскиот репрезентативец Ерик Ниевегловски и на нашата земја и носи златен медал.

Македонската репрезентација од Европското кикбокс првенство во Атина се враќа со два медали, со златниот на Илиоски и со бронзениот на Стефан Михајловски во категоријата кик лајт над 94 килограми.

Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал го завршува Европското сениорско првенство во Атина, откако не успеа да се пласира во финалето по поразот од украинскиот репрезентат

Претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски во разговор за МИА вели дека е задоволен од успехот, иако очекувал малку повеќе од Стефан и од другите борци, како што се Леа и Андреа во женска конкуренција.

На Стефан му беше многу тесна борбата, ја загуби за еден поен за влез во полуфинале, но се закити со бронзен медал. За Бобан очекувано беше, се исполни тоа што го очекувавме. Бобан од година во година, од борба во борба станува се поискусен борец и точно си ја дозира силата и енергијата, го проценува противникот и ја дозира толку колку што му е потребно за да победи, чувајќи ја силата и чувајќи се од повреди, вели Митровски.

Македонската репрезентација имаше петмина кикбоксери во машка и женска конкуренција, предводени претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски, а во составот се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска, тренерот Драган Атанасовски, како и Ирена Митровска од Федерацијата.

Ашкилов не успеа да се пласира во полуфиналето, откако поради повреда докторот не му дозволи да го продолжи натпреварот во втората рунда, додека во женска конкуренција, Леа Бошевска загуби од Нил Бејза Гохан од Лихтенштајн, а Андреа Костовска загуби од Меган Охаре од Велика Британија.

Европското кикбокс првенство во Атина почна во неделата со свечено отворање, завршува утре, а учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачи влеза од 41 држава. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан