• четврток, 26 декември 2024

Иконому: Турција сноси одговорност за несреќите со мигрантите

Иконому: Турција сноси одговорност за несреќите со мигрантите
Атина, 6 октомври 2022 (МИА) - Постојат огромни одговорности на турските власти за оваа трагедија, во најдобар случај пропусти, но да не бидеме наивни, бидејќи не е првпат да бидеме сведоци на вакво нешто, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на двете несреќи со мигрантите кај Лезбос и Ктира, во кои најмалку 17 лица го загубија животот, јави дописничката на МИА од Атина. Иконому истакна дека „чамците не заминуваат сами од турскиот брег“, додаде дека „таквото неодговорно однесување на Турција од чие крајбрежје тргнаа чамците неизбежно води до трагедии“, а тоа што го сторија криумчарите, според него, е кривично дело. -Во екстремни временски услови, во бесни води, на чамци кои немаат основни безбедносни мерки, да се качуваат луѓе за да ги однесат по ваков пат е кривично дело, рече портпаролот на грчката Влада. Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис од Прага, пред почетокот на Самитот на Европската политичка заедница се осврна и на двете несреќи во Егејското море, изразувајќи длабоко жалење за трагично загубените животи и порача дека е време за суштинска соработка. -Мислам дека е време вистински да соработуваме, многу посуштински со цел да се избегнат вакви инциденти во иднина и целосно да се искоренат криумчарите кои искористуваат невини луѓе, очајни луѓе, кои се обидуваат да стигнат на европскиот континент со бродови кои јасно не се пловни, рече Мицотакис. Во двете одделни несреќи со чамци со мигранти, што се случија во текот на ноќта во близина на островите Лезбос и Китира, најмалку 17 лица загинаа, десетици се исчезнати, а над 80 беа спасени. Во првата несреќа кај Лезбос, според официјалните информации од грчката крајбрежна служба, извлечени се безживотните тела на 16 жени и едно дете, а спасени се девет жени. Во однос на вториот бродолом во близина на островот Китира спасени се 80 лица, од кои 55 мажи, 18 деца и седум жени, а 11 од спасените се префрлени во болница. И во двата случаи, спасувачката акција на крајбрежната служба продолжува. ср/сд/

Остани поврзан