• четврток, 26 декември 2024

Иконому: Премиерот и Владата не знаат кои личности легално се следат од Националната служба за разузнавање

Иконому: Премиерот и Владата не знаат кои личности легално се следат од Националната служба за разузнавање
Атина, 14 ноември 2022 (МИА) – Премиерот и Владата, не можат да знаат кои личности легално се следат од Националната служба за разузнавање, со оглед на тоа дека премиерот добива информации само доколку постојат некои наоди во оваа насока, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому во однос на тоа дали некој од министрите од Владата кои се најдоа на листите објавени од медиумите дека биле прислушувани преку софтверот Предатор, паралелно биле следени и од Националната служба за разузнавање, јави дописничката на МИА од Атина. На денешниот редовен брифинг со новинарите Иконому неколку пати одново го повтори ставот дека имаат „многу јасна, цврста и доследна позиција уште од почетокот на овој случај“, односно дека грчката Влада, грчката држава и некоја грчка безбедносна служба немаат набавено и не користи никаков малициозен софтвер, а целиот случај сега е во рацете на судовите. -Грчката држава, на никаков начин го нема набавено малициозниот софтвер и не го користат грчките безбедносни служби, постои судска истрага што е во тек, оваа истрага, сигурно ќе ги оцени сите податоци што се објавуваат во јавноста. Мора најбрзо што може да стигне до резултати,сакаме да стигне до резултати, резултати кои ќе дадат одговори и во однос на одговорностите, доколку постојат и да стават институционален крај на овие заговори, клевети, ширење податоци без докази, истакна Иконому. За речиси секојдневните натписи во различни грчки медиуми, кои континуирано излегуваат со нови информации за прислушувањата со Предатор, портпаролот на грчката Влада рече дека не се поткрепени со докази и откри дека во следните денови, најдоцна до среда, на јавна консултација ќе бидат доставени новите законски одредби на Владата за справување со хакерските софтвери. Истакна дека малициозните софтвери постоеле и постојат во Грција исто како што е случај во други европски земји. -Знаеме дека малициозни софтвери во земјата постојат од 2017-2018 година, ова е реалност. Пегасус, мислам дека првпат во земјата беше откриен во 2017-2018 година. Знаеме дека и во Грција, како и во други европски земји, постои Предатор со чија помош имаше обид да бидат прислушувани или можеби биле прислушувани телефоните на граѓани и јавни личности во Франција, Шпанија, Полска, Унгарија и Грција. Ова е реалност, објасни Иконому и додаде дека целиот случај мора институционално да се истражи колку е можно побргу. На новинарско прашање дали последните случувања може да донесат и предвремени избори, Иконому кусо одговори дека „ништо не е сменето во однос на планот на владата за изборите“, односно дека тие ќе се одржат регуларно во 2023 година, на крајот од четиригодишниот мандат на Владата. ср/сд/

Остани поврзан