• петок, 27 декември 2024

Иконому: Предлогот на Ципрас за гласање недоверба на владата е потег за оставање впечаток

Иконому: Предлогот на Ципрас за гласање недоверба на владата е потег за оставање впечаток
Атина, 27 јануари 2022 (МИА)  Господинот Ципрас, гледајќи дека неговото политичко влијание се намалува, а политичката иднина на неговата партија е несигурна, се обидува да направи потег за да остави впечаток, потег што сепак е целосно предвидлив, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, коментирајќи го доставениот предлог од лидерот на СИРИЗА за гласање недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина. На денешниот редовен брифинг со новинарите Иконому истакна дека тридневната расправа во Парламентот ќе биде одлична можност за дискусија за сите теми, а граѓаните „ќе имаат уште една шанса да слушнат за економијата, за инвестициите, за владеењето на правото, за заштитата на земјата, за дигиталната трансформација, за здравјето, за безбедноста, за управувањето со кризи, да слушнат за остварувањата на Владата, која Ципрас бара да си замине“. -Граѓаните ќе имаат можност да слушнат за низа прашања што ги засегаат, кои влијаат на нивните животи и сами да извлечат заклучоци, рече Иконому. Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас претпладнево достави до парламентот предлог за гласање недоверба на, како што рече, „најлошата влада во земјата по падот на хунтата“. Тридневната расправа во парламентот ќе започне утре, а ќе заврши во недела со гласање на пратениците. ср/сд/

Остани поврзан