• четврток, 26 декември 2024

Иконому: Мицотакис со аргументи ќе одговори на лажните вести и вулгарната пропаганда на Ердоган

Иконому: Мицотакис со аргументи ќе одговори на лажните вести и вулгарната пропаганда на Ердоган
Атина, 22 септември 2022 (МИА) – Господинот Ердоган, со неприфатлив потег на политички опортунизам, се обиде да го искористи Генералното собрание на ОН како подиум за ширење лажни вести и можност за вулгарна пропаганда, со непостоечки тврдења против Грција, кои не се во согласност со целите и принципите на ОН, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи го говорот на турскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина. Иконому објасни дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во неговиот утрешен говор на Генералното собрание на ОН, ќе му одговори на Ердоган „со аргументи кои се засноваат на меѓународното право, на вистината и историјата и кои ја отсликуваат реалноста во Егејското море во последните години“. -Премиерот, во неговиот говор утре, очигледно, ќе посвети повеќе време на Турција и односите со Турција, од првично планираното, по оној провокативен настап на турскиот претседател од говорницата на ОН со лажните вести и вулгарната пропаганда против нашата земја, рече Иконому. Тој истакна дека Ердоган треба да сфати дека Грција не се плаши и „пред сè не може да се оцрни со митови и вулгарна пропаганда“. Одговарајќи на новинарско прашање за ситуацијата на грчко –турската граница кај Еврос, Иконому рече дека во изминатиот период континуирано се соочуваат со обиди за нелегален влез во земјата на бегалци и мигранти. -И на островите и кај Еврос од почетокот на годината до денес над 155.000 луѓе се обидоа да влезат во земјата. Ги кажувам бројките за да ја знаеме големината. Само кај Еврос се околу 33.000-34.000 лица, кои во изминатите месеци се обидоа да влезат на грчка територија, објасни портпаролот на грчката Влада и повтори дека тие прават се што е потребно за заштита на границите. ср/паг/

Остани поврзан