• недела, 24 ноември 2024

Иконому демантира дека грчката Влада или било кој јавен орган користи малициозни софтвери за прислушување

Иконому демантира дека грчката Влада или било кој јавен орган користи малициозни софтвери за прислушување
Атина, 7 ноември 2022 (МИА) – Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите уште еднаш демантираше дека Владата или било кој јавен или безбедносен орган во земјата купила и користи малициозни софтвери за следење, но истакна дека тоа не значи дека не го сторил тоа некој друг, а во однос на објавените информации во весникот „Документо“ за случајот со прислушувањата, повтори дека објавата не е поткрепена со документи, докази и податоци, јави дописничката на МИА од Атина. Иконому рече дека во текстот отсуствуваат докази, но сепак целиот случај „мора и ќе биде темелно истражен од надлежните органи и од правдата“, за да не остане апсолутно никаков сомнеж. Порача дека доколку се докаже наведеното, тогаш треба да се сносат соодветните одговорности, на секое ниво, но и во случај да се докаже дека информациите се неточни исто така да има одговорност. Портпаролот на грчката Влада посочи дека „праксата на користење на малициозен софтвер, што за жал се случува во многу делови од светот, се чини дека е користена и во Грција“, но негираше дека тоа го сторила државна институција. -Ниту еден јавен орган не го има користено малициозниот софтвер. Тоа не значи дека некој друг не користел малициозен софтвер, како што беше случај во други земји во Европа, за да ги следи луѓето и евентуално да му служи на еден поширок план. Она што јасно го кажавме од првиот момент и инсистираме на тоа е дека ниту еден безбедносен орган во Грција, ниту еден јавен орган, ниту еден државен орган ниту набавил, ниту користел, ниту е вклучен директно или индиректно во употребата на овие малициозни софтвери, порача Иконому, Повтори дека Владата во следниот период ќе донесе законска регулатива со која ќе ги забрани овие софтвери на територијата на Грција, со што ќе биде и прва земја во Европа со таков закон. Иконому посочи дека уште од првиот момент се прават обиди случајот законските следења на Националната разузнавачка служба да се идентификуваат со малициозни софтвери. На новинарско прашање, во случај да се потврдат натписите дека биле следени министри од Владата, Иконому рече дека не може да дава претпоставки, но тогаш би говореле за „случај на шпионажа“. Во однос на тоа дали целиот случај би го променил владиниот план за избори, Иконому објасни дека ништо не е сменето и изборите ќе се одржат регуларно, во 2023 година, на крајот од четиригодишниот мандат. Весникот „Документо“ вчера објави листа со 33 лица министри, поранешни министри, поранешен премиер, бизнисмени, новинари, сопруги на министри, кои преку софтверот „Предатор“ и Националната служба за разузнавање (ЕИП) биле прислушувани од кабинетот на грчкиот премиер, во чија надлежност е и ЕИП, а новинарот и издавачот на весникот Костас Ваксеванис денеска се сретна со обвинителот од Врховниот суд на Грција, посочи дека и двата вида на следења се поврзани со еден ист центар,а „криминалниот мозок е господинот Мицотакис“ и истакна дека постојат докази, кои ќе бидат доставени на соодветен начин.ср/зш/

Остани поврзан