• вторник, 19 ноември 2024

Израел тврди дека убил уште двајца команданти на Хезболах

Израел тврди дека убил уште двајца команданти на Хезболах

Тел Авив, 24 септември 2024 (МИА) - Израелската војска тврди дека во воздушниот напад во кој загина командантот Ибрахим Кубаиси, висок претставник на ракетните единици на Хезболах, загинале и двајца други команданти на милитантната група.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно тврдеа дека Кубаиси бил убиен во воздушен напад врз станбена зграда во јужен Бејрут, Либан.

Говорејќи од Тел Авив оваа вечер, портпаролот Даниел Хагари рече дека ИД има за цел да ја спроведе својата кампања против Хезболах што е можно пократко, но е подеднакво подготвена таа да трае подолго.

Тој додаде дека „неколку (израелски) војници се полесно повредени“ во ракетните напади од Либан врз Израел. 

Проиранскиот шиитски Хезболах претходно соопшти дека ја нападнал израелската поморска база Атлит јужно од Хаифа, третиот по големина град во Израел, северно медитеранско пристаниште во близина на границата со јужен Либан, пренесоа агенциите. Сирените за предупредување од проектили се огласија на места на повеќе од 50 километри јужно од границата.

Во базата е сместена командна единица на израелската морнарица. Хезболах често користи беспилотни летала покрај ракетите во нападите врз северен Израел.

-Бројот на загинати од израелските воздушни напади во контраофанзивата против Хезболах до понеделник наутро се искачи на 569, од 558 пријавени претходно денеска, изјави либанскиот министер за здравство.

Меѓу загинатите има 50 деца и 94 жени, додаде министерот Фирас Абијад.

Израелскиот претседател Исак Херцог нагласи дека договорот што ќе ги врати преостанатите заложници „треба да биде главен приоритет“ на сите светски лидери кои ќе се состанат оваа недела на Генералното собрание на Обединетите нации. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан