• четврток, 26 декември 2024

Израел тврди дека го уништил клучниот тунел на Хамас меѓу јужниот и северниот дел на Газа

Израел тврди дека го уништил клучниот тунел на Хамас меѓу јужниот и северниот дел на Газа

Тел Авив, 17 јануари 2024 (МИА) - Израелската војска синоќа соопшти дека открила и уништила стратешки тунел на Хамас во Појасот Газа, што бил долг неколку стотици метри, јави ДПА.

Тој бил на длабочина од девет метри под Вади Газа, корито на реката што ги дели северниот и јужниот дел на Газа.

Борците на палестинската милитантна група Хамас го користеле тунелот за незабележено движење низ крајбрежниот појас, се додава во соопштението на израелската армија.

Израелските војници пред неколку недели зазедоа позиции долж Вади Газа, во обид да ги спречат борците на Хамас да се движат по копно меѓу двата дела на територијата.

Огромниот лавиринт од тунели изграден од Хамас - што колоквијално е познат како „Метрото во Газа“ - претставува огромен предизвик за израелските вооружени сили, соопшти ДПА.

Од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, на 7 октомври, израелската војска се обидува да ја уништи групата и нејзината инфраструктура.

Израел проценува дека тунелите се протегаат на стотици километри низ малиот и густо населен Појас Газа.

Се верува дека повеќето од над 100-те заложници, кои сè уште ги држи Хамас, се во тунелите. Исто така, се верува дека шефот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, и неговите највисоки команданти се кријат во тунелите јужно од Вади Газа во областа Кан Јунис. сд/

Остани поврзан