Израел: Министерство за правда го заврши прегледот на барањето за помилување на Нетанјаху, на потег е претседателот Хергоц
- Елијаху сега мора да го предаде документот на претседателот Исак Херцог, кој треба да одлучи дали да даде помилување. Не е јасно точно кога тоа ќе се случи, додава германската агенција
Тел Авив, 11 март 2026 (МИА) - Израелското Министерство за правда денеска соопшти дека го завршило прегледот на барањето за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху по обвиненијата за корупција и го проследило до министерот за култура Амичај Елијаху, јави ДПА.
Министерството не даде детали за содржината на прегледот.
Елијаху сега мора да го предаде документот на претседателот Исак Херцог, кој треба да одлучи дали да даде помилување. Не е јасно точно кога тоа ќе се случи, додава германската агенција.
Министерот за правда Јарив Левин, кој првично требаше да биде одговорен за средниот чекор, се повлече поради пристрасност поради неговата блискост со Нетанјаху.
Премиерот го поднесе своето барање за помилување во ноември во официјално писмо до Херцог.
Во писмото, Нетанјаху рече дека неговото судење станало „фокус на жесток конфликт“ во Израел. Неговото завршување би можело да помогне во ублажување на тензиите, посочи тој, осврнувајќи се на безбедносните предизвици и политичките можности со кои се соочи Израел, потсети ДПА.
На Нетанјаху речиси шест години му се суди за корупција, измама, кршење на довербата и поткуп. Тој тврди дека е невин и постојано ја опишува постапката како „лов на вештерки“.
Во контекст на сериозни политички превирања во Израел, постојано се водат дебати за помилување на Нетанјаху. Херцог претходно изјави дека никој не е над законот, но дека го задржува правото да дејствува според својата совест.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, го повика Херцог да го помилува Нетајаху, напаѓајќи го и навредувајќи го лично во процесот. Неодамна, тој го нарече Херцог „срамен“ затоа што сè уште не го помилувал Нетанјаху, поттикнувајќи го израелскиот претседател да го нагласи владеењето на правото и суверенитет на неговата земја.сд/ми/
Фото:ДПА