• среда, 25 декември 2024

Израел донесе закон со кој се овозможува откривање на имиња на лица кои не се вакцинирани

Израел донесе закон со кој се овозможува откривање на имиња на лица кои не се вакцинирани
Тел Авив, 24 февруари 2021 (МИА) – Израелскиот Парламент денеска му одобри на Министерството за здравство да им ги открива имињата на луѓето кои не биле вакцинирани против коронавирусот на другите тела на власта во земјата, предизвикувајќи критики за нарушување на приватноста на граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат. Законот, донесен со 30 гласа „за“ и 13 „против“, им дозволува на локалните власти, генералниот директор на Министерството за образование и на некои вработени во Министерството за социјални работи да ги дознаат имињата на овие лица, нивните адреси и телефонски броеви. Одредбата, која ќе биде во сила три месеци или додека не заврши пандемијата, има за цел да им дозволи на властите да ги охрабрат луѓето да се вакцинираат обраќајќи им се лично, соопшти Парламентот. Повеќе од три милиони луѓе во Израел веќе примиле две дози на вакцината на Фајзер и Бионтек, што е речиси една третина од околу девет милиони жители. Затоа во неделата стапи во сила третото отворање од почетокот на пандемијата кога беа отворени трговски центри и улични продавници за сите граѓани. Некои места сепак се отворени само за оние кои примиле и втора доза од вакцината или прележале Ковид-19 и имаат потврда за тоа. Израелската Влада истакна дека целта е до април да се вакцинираат 6,2 милиони луѓе. Од почетокот на пандемијата во Израел се регистрирани повеќе од 760.000 случаи на Ковид-19, а повеќе од 5.600 луѓе починале. јт/

Остани поврзан