• вторник, 24 декември 2024

Израел го укинува дипломатскиот статус на норвешките дипломати кај палестинските власти

Израел го укинува дипломатскиот статус на норвешките дипломати кај палестинските власти

Ерусалим, 8 август 2024 (МИА) - Израел денеска објави дека го укинува дипломатскиот статус на норвешкиот персонал што ја претставува Норвешка во палестинската управа, наведувајќи го „анти-израелското однесување“ на Осло, кое од своја страна ја осуди „екстремната акција“ и го покани на разговор израелскиот претставник во Норвешка.

-Денеска наредив прекин на сите претставништва во име на норвешката амбасада во Израел, во однос на палестинската управа, рече израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац во изјавата.

Тој го осуди „анти-израелското однесување“ на Норвешка во врска со војната во Газа, каде што Израел се бори против исламистичкиот палестински Хамас од 7 октомври.

Кац се осврна и на признавањето на државата Палестина од страна на Норвешка на 28 мај, како и на нејзиното учество во правните постапки против израелските лидери пред Меѓународниот кривичен суд.

Во посебна изјава, израелското министерство укажа на „сериозните изјави на високи норвешки функционери“ против Израел.

Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде реагираше посочувајќи на „екстремна акција“ која, како што рече, „ќе има сериозни последици за владата на (премиерот Бенјамин) Нетанјаху.

Еиде малку подоцна објави дека го повикал израелскиот претставник во Норвешка за да протестира против таа одлука и додаде дека норвешката влада сега проценува какви други мерки може да преземе.

Според израелската наредба, им се укинува дипломатскиот статус на осум норвешки дипломати кои работат во амбасадата во Израел, чии задачи беа да ја претставуваат Норвешка пред палестинските власти.

Во официјалната нота испратена денеска до норвешката амбасада, министерството посочи дека нивниот дипломатски статус ќе биде одземен седум дена од денот на неговото усвојување.

Во нотата се изразува осуда за политиката и едностраните изјави на Осло по нападот на Хамас врз Израел.

Осло на почетокот на август потсети дека територијалната јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд се протега на палестинските територии и оцени дека судот треба да ја продолжи постапката покрената против лидерите на Израел и Хамас, во врска со војната во Газа.

Во јуни Норвешка најави зголемување на финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) за 8,7 милиони евра.

Израел, од друга страна, го обвинува Хамас за инфилтрирање на УНРВА, столбот на хуманитарната помош во Газа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан