• петок, 27 декември 2024

Израел ги уверува САД дека нема да ги нападне иранските нуклеарни постројки

Израел ги уверува САД дека нема да ги нападне иранските нуклеарни постројки

Вашингтон, 15 октомври 2024 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е уверена дека добила гаранции од Израел дека нема да ги нападне иранските нуклеарни или нафтени постројки додека се обидува да одговори на иранскиот ракетен напад од 1 октомври, посочија денеска двајца анонимни американски функционери.

Администрацијата, исто така, верува дека испраќањето на ракетниот одбранбен систем THAAD во Израел и околу 100 војници за управување со него, ја ублажува загриженоста на Израел за можна иранска одмазда и безбедносните прашања воопшто.

Пентагон пред два дена објави дека распоредувањето на системот THAAD ќе помогне да се зајакне израелската противвоздушна одбрана по нападите на иранските балистички ракети и со дронови во април и октомври, наведувајќи дека тоа е одобрено согласно директивата на претседателот Бајден.

Американските функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни, предупредија дека уверувањето не е цврсто и дека околностите може да се променат.

Тие, исто така, забележаа дека претходното исполнување на ветувањата од страна на Израел било измешано и често ја одразувало внатрешната политика на Израел и не ги исполнило очекувањата на Вашингтон.

Најновиот пример беше во септември кога израелските власти им рекоа на своите американски колеги дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја поздрави иницијативата за прекин на огнот во Либан, што ја предводеа САД и Франција.

Тогаш израелската армија изврши голем воздушен напад во кој беше убиен лидерот на либанскиот екстремистички Хезболах, Хасан Насрала.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан